„Ликовна експедиција“ е насловот на хуманитарната изложбата која вечерва ќе се одржи во Галерија 7, во Старата чаршија. На изложбата група независни автори ќе ги изложат своите дела на аукциска и донаторска изложба наменета за собирање средства за лекување на младата поетеса Искра Донева.
Оваа изложба како поседователен настан на Сликарската работилница која беше дел од проектот „Креативен викенд“ во селото Лазарополе, има за цел да дејствува во одреден конструиран простор, да влијае на луѓето и да провоцира одреди ставови, ментални слики и негодувања.
Сали Ертундиј, графичар, за своето дело вели дека потсетува на детски цртеж.
„Додека бевме во Лазарополе сите ја почувствуваме онаа детска слобода и безгрижност, што во мене разбуди чувство на дете кое во една соба се игра со авионче и тоа е светот кој му е доволен“, вели тој.
Одговорите на прашањата од типот како се размислува кога различен мирис се шири низ воздухот или како е кога единствените информации што го окупираат човекот се оние од околината, независните артисти го бараат во користењето на материјалите кои што им биле на дофат. Ертундиј објаснува дека во селото нашле напуштена и срушена куќа, а предметите кои останале во неа, еден од авторите успешно ги искористил и од истите направил објекти кои ќе бидат изложени вечрашниот хуманитарен настан.
За делата објаснуваат дека колку што претставуваат ликовни творби толку претставуваат и експонати од една друга општествена стварност, различно функционални во различно време (некогаш врата од шкаф, потоа материјал кој собира прашина, после тоа белег на едно време, сега слика).
Хуманитарна изложба ќе се одржи денеска од 20 часот.
Темјана Поповска