Македонската академија на науките и уметностите во соработка со Националната институција Стоби денеска и утре организира научен симпозиум на тема „Романизирање на ориентални богови? Религиски трансформации во балканските провинции во римскиот период. Нови наоди и перспективи“.
На симпозиумот ќе се дискутира за историјата и археологијата на Балканот врз основа на материјалните докази базирани на религиските транформации во Римската Империја, но и претходно.
Еден од поводите за организирање ваков симпозиум во Македонија е откритието на храмот на египетската божица Изида во археолошкиот локалитет Стоби.
Важен аспект на овој научен собир ќе биде и прашањето за присуството на еврејската религија во римско време во Македонија што е потврдено со животот на еврејската заедница во античко Стоби.
На симпозиумот ќе учествуваат над 20 истражувачи од Холандија, Франција, Белгија, Хрватска Србија, Грција, Бугарија и Македонија.