На сцената на Народно позориште во Белград синоќа ансамблот на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес ја изведе претставата „Жени“ во режија на Софија Ристевска.
Со оваа претстава започна манифестацијата „Денови на македонската култура“ во Белград со симболичен наслов „Допир на Македонија“. Манифестацијата ја отвори Зафир Хаџиманов почесен амбасадор на македонската култура во Србија.
Во рамки на манифестацијата, што се организира во соработка со Македонското културно друштво од Белград, ќе бидат претставени повеќе културни содржини од Македонија како книги на македонски писатели, изложба на уметнички дела, а ќе бидат презентирани и македонски ора и музика. Посетителите ќе имаат можност да пробаат и специјалитети од богатата македонска кујна.