Наградите на ДПМ „Книжевен жезол“ врачени на поетите Видичевски и Добре

Од:

Со читање на песната „Липа“ од Матеја Матевски, денеска во Друштвото на писателите на Макдонија се одржа манифестацијата „Празник на липите“ на која годинашните награди на ДПМ „Книжевен жезол“ им беа врачени на поетот од Охрид Видое Видичевски и на роамнскиот поет Ѓеорѓе Добре.

Наградите им ги врачи претседателката на македонската писателска асоцијација Соња Стојменска-Елзесер, а за нивното творештво зборуваа писателите Раде Силјан и Ермис Лафазановски.

Видичевски е повеќе од шест децении активно присутен на македонската книжевната сцена, автор е на поетски и на прозни книги, а особено е значаен неговиот ангажман во покренување и профилирање значајни институции во неговиот роден Охрид – Историскиот архив, Радио Охрид, манифестацијата „Прличеви беседи“ и е меѓу иницијаторите за основањето на фестивалот „Охридско лето“.

– Ова се факти кои говорат за исклучителен работен ангажман, за потребата од збогатување на содржините на градот Охрид. Видичевски е доследен во создавањето на книгите кои на тематски план чинат една неразделна целина. Неговата поезија е верна слика на долгите човечки патешествија, трогателна, сензибилна, длабоко доживеана и разбирлива за широк круг читатели, рече Раде Силјан претставувајќи го творештвото на Видое Видичевски.

Наградениот поет се заблагодари со „Песни за потопите“ за која изјави дека упатува порака како се живеело и како да се излезе од ќор-сокакот за да може, како што рече, да живееме како луѓе и да бидеме среќни.

– Моја најголема желба е мојот народ да живее среќно, да се развива и поколението да може да се наметне во светот. Наградата ми е драга затоа што ми ја доделуваат колегите, рече Видичевски.

Во својот осврт за романскиот поет Ѓеорѓе Добре, кој го наслови „Од другата страна на брегот – поезијата како освојување на невозможното“, писателот Лафазановски рече дека овој истакнат поет и есеист од Романија успеал да стигне од другата страна на брегот, како што рече, не само со својата длабока и филозофски ориентирана поезија, туку и преку културниот мост кој го изградил во својата поетска кариера, со кој ги зближил македонската и романската култура.

– Овде неговото име е познато кога како главен и одгворен урдник на списанието „Хелис“ доаѓа на „Рациновите средби“ во 2012 година и кога заедно со македонскиот поет и преведувач од романски Димо Димчев иницира литературно братство со идеја за меѓусебна литературна промоција на списанијата „Хелис“ од Романија, „Раст“ од Битола и „Бранувања“ од Струга. Како резултат на тоа, во 2016-та во Романија излезе антологија на македонската поезија насловена „Човекот кој иде од некаде“, рече Лафазановски.

Наградениот автор Ѓеорѓе Добре во обраќањето рече дека пред седум години ја открил Македонија и прекрасна публика. – Тука добив многу пријатели, извонредни поети. Не знам зошто ја сакам Макдонија и луѓето што живеат овде. Овој ден е еден од најважните денови во животот на Ѓеорѓе Добре, рече Добре.

На собирот во ДПМ денеска беше врачена и плакета на поетесата Мирјана Тренчева, добитник на наградата „Даница Ручигај“ за 2017 година која, читајќи ја својата песна „Патот за Итака“, рече дека тоа не е патот на Одисеј, туку, рече, „тоа е македонскиот пат кон нашата Итака“.

– Пат долг, трнлив, што минува низ многу Сцили и Харибди, кој уште го изодуваме со грижа, но и со љубов, рече Тренчева на манифестацијата „Празник на липите“ која заврши со поетски митинг и читање песни и есеи пратени на анонимниот конкурс на ДПМ.

Меѓу гостите на настанот беше и амбасадорот на Романија во Македонија Виорел Станила, а присутните ги поздравија Фросина Пармаковска, претседателка на Организацискиот одбор на „Празник на липите“, и Љубица Јанчева, претседателка на Советот на Град Скопје – покровител на оваа поетска манифестација.

Би можело да ве интересира

Учество на македонски писатели на фестивалот „Словенска слова” во Црна Гора

„Во име на новото“ во ДПМ

Ана Ололовска

ДПМ на вонреден пленум ќе побара одговорност доколку не се отстранат пропустите во Министерството за култура

Ана Ололовска

ДПМ: Македонскиот јазик има дијалекти, но не е никаков и ничиј дијалект

Конкурс за традиционални годишни награди на ДПМ

Ана Ололовска

„Празник на липите“ и врачување на наградите „Книжевен жезол“ на ДПМ

Ана Ололовска