Здружението на ликовни критичари AICA Македонија по четврти пат ја додели наградата „Ладислав Баришиќ“ за предлог истражувачки проект од областа на ликовната критика. Годинава добитник е Билјана Петровска-Исијанин за „Такси“. Одлуката ја донесе жири составено од историчарките на уметноста Нада Пешева, Јованка Попова и Мира Гаќина.
– Разгледувајќи го предлог-концептот комисијата заклучи дека истражувачкиот проект нуди можност за нови социокултуролошки поимања на уметноста денес и улогата на ликовниот критичар кој поседува потенцијал да влијае на перцепцијата за уметничкото дело кое наместо ексклузивно треба да е инклузивно и партиципативно во однос на секојдневието. Комисијата смета дека предлог концептот на Исијанин ги исполнува целите на објавениот повик за доделување на наградата Ладислав Баришиќ и дека нуди иновативен приод во теориското истражување на поимањето на уметноста во Македонија, пишува во образложението на жирито.
Билјана Петровска Исијанин (1965) живее и работи во Битола како независен куратор и ликовен критичар. Дипломирала во 1989 година на катедрата за Историја на уметноста со археологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, магистрирала во 2013 година на студии на културата при Универзитет Евро-Балкан. Основач е и уметнички директор на меѓународниот фестивал на видео и фотографија СТАВ во Битола, како и основач и раководител на центарот за современи јавни уметности „Елементи“ Битола.
Целта на наградата „Ладислав Баришиќ“ е да понуди можност за промислување на третманот и позициите на ликовната критика денес и на критичкото пишување за појавите и тенденциите во современите визуелни уметности и теоријата на уметноста кај нас. Го носи името на Ладислав Баришиќ (1941-1991), ликовен критичар и историчар на уметност, кој во рамките на ликовната публицистика беше активен во периодот од 1972 до 1986.