„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на режисерката Теона Стругар-Митевска ја доби наградата на критичарите ФИПРЕСЦИ на 22.Филмски фестивал во Мотовун, Хрватска, кој се одржуваше од 23 до 27 јули. Главната награда „Пропелер“ ја доби исландскиот филм „Бел, бел ден”.
Наградата ФИПРЕСЦИ е доделена со одлука на тричленото жири во состав од Маријана Јаковљевиќ, Јел Шот и Јасмила Шепетач. Во нивното образложение е наведено дека главната актерка освојува со одличен актерски израз.
– Брзо нè увери дека главниот лик е паметна жена која е комплексна личност и која ја открива нејзината моќ во текот на филмот. Таа е симбол на потребата за слобода во многу сфери и укажува на неопходните промени. Филмот е црна комедија, врвно изрежирана, монтирана, динамична и брзо го вовлекува гледачот во неговиот свет, стои во образложението на жирито.
ФИПРЕСЦИ (Fédération Internationale de la Presse Cinématographique) е најстаро и највлијателното друштво на филмски критичари во светот, обединувајќи критичари од 50 земји од целиот свет. Фестивалот во Мотовун е 37-ми во светот каде се доделува оваа награда.
„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ пред десетина во Хрватска доби признание и на Пулскиот филмски фестивал – „Златна арена“ за режија во категоријата за малцински копродукции која ја доделува Оценувачккиот суд на хрватската програма.