Над 80 дела од жени-уметници на изложба во Чифте амам

Од:

Повеќе од 80 дела од 60-ина авторки од Македонија и од поранешна Југославија од различни генерации ќе бидат претставени на изложба „Чудесните жени од колекцијата на Националната галерија на Македонија“ која вечер во 19 часот ќе биде отворена во Чифте амам.

Изложбата ги прикажува жените уметници во колекцијата на НГМ чии дела, главно, се чуваат во депоата на Галеријата. Во постојаната поставка на НГМ има дела од седум авторки. Најстаро дело што ќе биде претставено е од југословенската колекција, на уметницата Надежда Петровиќ од 1905-1910. Се работи за масло на платно, а насловот е „Друштво“ (Карташи).

– Нема специфики во техниките со кои авторките ги изработувале своите дела. Станува збор за сите стандардни мултимедијални техники кои се користеле низ децениите, велат од НГМ.

Според кураторката Маја Чанкуловска-Михајловска, изложбата е пресек на македонската ликовна уметност претставен низ постојаната поставка во Даут-пашин амам.

– Дури и еден бегол поглед врз оваа поставка не соочува со фактот дека во 21 век процентот на застапени жени уметници во една репрезентативна поставка на македонска уметност е неверојатно мал. Се надеваме дека изложувањето на овие дела ќе понуди поинаков поглед не само за постоењето на индивидуалните напори и остварувања, туку и за флуидната категорија „женско писмо“, вели Чанкуловска-Михајловска.

Изложбата која се отвора по повод Меѓународниот ден на жената ќе може да се посети до крајот на месецов.

Би можело да ве интересира

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

Со изложбата „Пет години КСП Центар – Јадро“, започна третото издание на Маалски фестивал

Во Утрехт изложба „5х10“, на дела на пет реномирани македонски фотографи

Изложба на мозаици „ Наследство во камен“ на Изет Зеќири

Горан Наумовски

Во Корча ќе се одржи промоција на македонски национални носии од Преспа

„Ретроспектива“ – самостојна изложба на Даме Затуровски