Повеќе од 100 кандидати се пријавени за учество на Гитарската работилница со гитарската легенда Влатко Стефановски која, со поддршка на Министерството за култура, ќе се одржи од 24 до 26 јуни во Спомен-домот на Тоше Проески во Крушево.
Работилницата, за која пријавувањето е веќе затворено, ќе овозможи на еден креативен начин, преку музиката, нашата регионална сцена да се збогати со нови талентирани млади изведувачи.
Младите музичари ќе имаат можност три дена да работат со својот ментор, а резултатите од нивната заедничка работа ќе бидат презентирани на завршниот концерт кој ќе се одржи на платото пред Спомен домот каде младите гитаристи ќе настапат заедно со Влатко Стефановски, соопшти Министерството.
Сето она што ќе се случува на работилниците ќе биде регистрирано со најпрофесионална опрема, а од снимениот материјал ќе биде изработен и документарен филм кој ќе се емитува на повеќе канали.
Почнувајќи од оваа 2015 година, секое лето во Крушево, во Спомен-домот на нашиот Тоше Проески ќе се реализираат музички работилници за различни инструменти преку кои младите талентирани музичари ќе имаат можност да се здобијат со непроценливи искуства и знаења од македонските најреномирани уметници и ѕвезди. Овие работилници ќе овозможат Спомен домот на Тоше Проески да стане еден Регионален центар за млади музичари од цела Југоисточна Европа кој долгорочно ќе има многу придобивки за едукацијата и натамошното усовршување на младите музичари кои секоја година ќе имаат можност да работат со различни ментори.
Овој проект ќе има голем бенефит и за самата институција бидејќи во Спомен домот на Тоше Проески кој веќе се здоби со две меѓународни признанија за своето идејно и архитектонско решение и кој досега го посетија повеќе од 250.000 гости од целиот регион на овој начин ќе се обезбеди уште поголема фрекфенција на млади луѓе кои ја сакаат музиката и го почитуваат ликот и делото на Тоше Проески.
Организатори на работилницата се Министерството за култура на Република Македонија и продукциската куќа „Трето уво“.