По повод 77 години од раѓањето на Љубиша Георгиевски и 55 години од неговото творештво, во организација на Кинотека на Република Македонија во рамки на фестивалот „Охридско лето“ денеска ќе се проектира филмски маратон при што ќе бидат прикажани сите играни филмови на режисерот.
Станува збор за увертира во еден поголем проект што го подготвува Кинотека на РМ, за дигитализација на филмовите на Георгиевски, вклучувајќи ги и неговите кратки филмови, што ќе бидат објавени на ДВД-едиција.
Љубиша Георгиевски е роден на 30 мај 1937 година во Битола. Дипломира режија на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград. Филмската кариера ја започнува 1963 година, како корежисер на филмот „Под исто небо“, со Миодраг Мики Стаменковиќ. Во периодот од 1968 до 1970 година ги режира самостојно своите три играни филма: „Планината на гневот“, „Републиката во пламен“ и „Цената на градот“, по што сосема му се посветува на театарот.
Проекцијата на филмовите „Под исто небо“ од 1964, „Планината на гневот“ од 1968, „Републиката во пламен“ од 1969 и „Цената на градот“ од 1970 година ќе започне од 17 часот, во кино салата на Центарот за култура „Григор Прличев“.