На „БитФест“ промовиран документарниот филм „Дамарите на старата битолска чаршија”

Од:

Документарниот филм „Дамарите на старата битолска чаршија” синоќа премерно беше прикажан на „БитФест“ во Битола.

Филмот е историски осврт на времето кога Битола била во својот трговски процут, средината на 19. век и почетокот на 20. век, кога е и врвот на развој на старата битолска чаршија. Но исто така, пренесен е приказ и на актуелните состојби во чаршијата. Низ еден сплет на историски податоци филмот прикажува како чаршијата била срцето на Битола и како многу случувања биле поврзани токму со неа.

Авторката на филмот Анета Шијакова истакна дека документарниот филм „Дамарите на старата битолска чаршија“ се осврнува на периодот кога чар­ши­јата со око­лу 900 ду­ќа­ни, била да­ма­рот на гра­дот, а број­ни­те занаети го диктирале тем­по­то на жи­во­т во целиот регион.

– На документиран начин филмот пренесува дека битолските дуќанџии тргувале дури и со Индија за што бил издаден специјален ферман од тогашните турски власти, а трговијата била толку многу развиена што специјални кревети со позлатени рачки се порачувале дури од Манчестер. Покуќнина се носела од Виена, се тргувало со Франција, Германија и Италија преку Солун. Кожуварите во старата битолска чаршија своите крзна ги носеле во Лајпциг, а од таму пак за во битолските дуќани носеле крзна кои тука ги немало. Сега таквите занаети во старата битолска чаршија веќе ги нема, рече Шијакова.

Низ искази на занаетчии, филмот пренесува кои занаети во Битола веќе изумираат, а кои пак се уште одолеваат на забот на времето.

Интересно е, посочи, дека во битолската стара чаршија мошне успешно егзистира еден од најстарите уметнички занаети во светот, а тоа е рачна изработка на накит обвиткан со жица.

– Вакви примероци на накит кои датираат 2000 години пред нашата ера, а кои ги носеле великодостојничките од Сумериската династија, можат да се видат во Британскиот музеј. Во изминатите години инспирацијата за овој занает стигнала и до Битола така што уникатниот накит од жица ги освојува мушерииите во чаршијата, а посебно странските туристи кои се мошне заинтересирани за рачна изработка. Ова покажува дека духот на древното во старата битолска чаршија сега е испреплетен со духот на модерното, давајќи и со тоа уште поголема автентичност и уникатност, но и шанса за опстојување и развој, појасни Шијакова.

Филмскиот наратив ја пренесува и инспиративната приказна за познатиот битолски зограф Никола Крнчев, ученик на рускиот сликар Иван Мелников. Крнчев во ателјето во старата битолска чаршија, во соработка со други битолски зографи, изработил 75 големи престолни и празнични икони за црквата „Успение на Пресвета Богородица” во Мелбурн, Австралија. Со уметникот Ристо Димовски заедно изработиле над 300 икони кои сега се наоѓаат во колекции низ Европа и во прекуокеанските земји.

Филмот е поддржан од општина Битола во рамките на Битфест 2017, а продукцијата е реализирана во соработка со Регионалната занаетчиска комора Битола.

Би можело да ве интересира

Инцидент во детска градинка во Битола

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

ВИДЕО: Силното невреме направи штети во Битола, Штип и Охрид, се санираат последиците

Катерина Ѓуровски

„Ние, луѓето“-премиера