Во издание на Факултетот за уметности во Ниш и Центарот за научноистражувачка работа на САНУ деновиве во Србија излезе теорискиот труд „Музикономија“ на д-р Димитрије Бужаровски, кој денеска ќе биде промовиран на Саемот на книгата во Белград.
Ова е трето дело кое авторот го објавува во Србија во изминатите две години, по „Истражувачки методологии“ и „Историја на естетиката на музиката“.
Музикономијата е термин кој д-р Бужаровски го воведува како паралелен на економијата и кој ги покрива областите на економијата, менаџментот и маркетингот на музиката.
Неговиот најнов труд е меѓу ретките кој на системски начин го дефинира подрачјето, клучните концепти и низ голем број примери од современата музичка култура, значењето и врската на музиката со економијата.
„Музикономијата“ и „Историјата на естетиката на музиката“ ќе бидат промовирани денеска на Саемот на книгата во Белград, на штандот на Центарот за промоција на науката.
На 6 ноември ќе има и промоција во Ниш, на која воедно ќе биде праизведено делото на Димитрије Бужаровски Кабаре оп. 62б за трио хармоники.