Музејот во Штип деновиве почна со истражување на локалитетот „Баргала“. На најпосетуваниот локалитет во источниот регион се работи на три локации. Директорот на Заводот за заштита на спомениците и Музеј на град Штип Митко Штерјов вели дека десетина археолози и 50 работници се распоредени на градската базилика, јужниот бедем и на мозаикот.
– Во моментов се работи на централната градска базилика, каде што се изготвува проект за нејзина конзервација. Меѓутоа во моментов се истражува предворието на оваа базилика, каде што ги дефинираме објектите коишто се во тој дел. Воедно се отвара и јужниот бедем од локалитетот „Баргала“, каде што ќе се отвори нова содржина и ќе го дефинираме, крајот на јужниот дел на градот и по негова конзервација ќе се прикаже делот, којшто најдобро се гледа од страната на реката, вели Штерјов.
Најголем предизвик е отворањето на мозаикот на епископската базилика. Штерјов појаснува дека на овој мозаик не е работено цели 30 години, а неколку години е покриен со цел да се заштити. На мозикот работат двајца вработени од локалитетот „Стоби“, кои се најстручни за работа на ваквите мозаици.
-Тој мозаик е малку поголем, некаде 20 метри на три метри и ќе има обемна работа на оваа базилика. Се надеваме дека кон крајот на ноември ќе успееме да го конзервираме и наредната година да биде подготвен за презентација, рече Штерјов.
Археолошките истражувањата на доцноантичкиот град „Баргала“, кој датира меѓу четвртиот до шестиот век, се финансирани преку Програмата на Министерството за култура, а за истражувањата и конзервациите на трите локации се издвоени околу еден милион денари.