Мурали во Битола

Од:

Муралот „Битола бабам Битола“, централно позициониран во шалтерската сала на битолската Пошта, изработен од академскиот сликар Борко Лазески, неколку години пред неговата смрт, се уште е еден од најмаркантните мурали во градот под Пелистер.

Но, според познавачите на оваа ликовна уметност, која исклучиво се презентира на ѕид, почетоците се врзуваат со настан од пред 40 години кога, во тоа време, во чест на 75-годишнината од Илинденското востание, во Битола беше изработен првиот мурал. Станува збор за идејното решение кое го подготви ликовниот педагог Коста Хаџиантоновски, тогаш наставник во ОУ „Кирил и Методиј“-Битола и раководител на ликовната секција во општинското училиште.

Од тогаш до денес, муралите во Битола импресионираат со пораките што ги испраќаат, но за жал често не се на видик на окото на туристите, вели Хаџиантоновски, кој лично координирал изработка на повеќе мурали во Битола, но и во Ресен и во Кичево.

-За изработка на мурал треба да се има добро идејно решение, а кога ќе се надмине таа фаза тогаш потребна е подготовка за изработка на муралот. Се сеќавам како денес да беше…во сега веќе далечната 1978 година, општината ја прифати идејата за изработка на мурал на фасадата од куќа која е во центарот на градот, на Широк Сокак. Тогаш во градот се одржуваше традиционалниот републички натпревар „Курирче“, а истовремено се одбележуваа разни настани и случувања, но и јубилејот „75 години – Илинденско востание“. Веднаш се фативме за работа, добивме поддршка од градежното претпријатие „Пелистер“-Битола, нивните работници го поставија скелето, а ние извршивме препарација на ѕидот, го подготвивме за цртање и го направивме муралот на кој доминираат илинденци, како и учесници во народнослободителната борба. Овој мурал се уште одолева на забот на времето, вели Хаџиантоновски.

Муралот, како современ начин на ликовно изразување, Хаџиантоновски го користи и неколку години подоцна, односно во 1986 година кога на влезот во Старата битолска чаршија, заедно со ученици од Битола, Штип и Кочани, младинци со потврдени ликовни вештини и талент, но и со поддршка на стручни лица го изработуваат муралот „Будење“.

-Во јубилејната монографија на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“-Битола издадена во чест на 25 роденден (1981-2006), меѓу бројните фотографии ги поместивме и деталите од изработката на муралот „Будење“. Се подготвувавме повеќе од две недели, го исчистивме ѕидот до „гола тула“, 12 пати го миевме со вода, а користевме специјални бои кои се издржливи во секакви временски услови. Тоа беше почеток на мојата идеја што за жал не се оствари, а целта беше на сите запуштени фасади што и денес ги има во Старата битолска чаршија, да има по еден мурал со детал од Битола. Ако тоа тогаш го реализиравме, чаршијата ќе беше поатрактивна за туристите, на дуќанџиите ќе им беше поинтересно секојдневието, а истовремено ќе спречевме чкртање по ѕидовите и пишување пораки, често со недолична содржина. Но, како што нагласува Хаџиантоновски, не е доцна, идејата може да се реализира и денес, бидејќи во чаршијата и понатаму има ѕидови кои „плачат“ за креативен мурал.

Во Битола мурали има на повеќе јавни локации и во повеќе објекти. Повозрасните битолчани се сеќаваат на прекрасните мурали во некогашното кино „Трудбеник“, муралот во кафеаната „Македонија“ и кај стоковната куќа „Корзо“ кои за жал повеќе не постојат. Но денес со задоволство може да се посочат муралот во основното училиште „Св.Климент Охридски“-Битола како и најновниот мурал во овој град изработен со поддршка на локалната самоуправа, креативно решение на авангардната екипа „Hybrid Minds Crew“ што на ѕидот од зградата кај местото меѓу битолчани познато како „Шехерезада“, на современ начин и со мајсторско ликовно изразување, прикажани се пелистерски рис и убава битолчанка.

Интересот за изработка на мурали во Битола не стивнува, а не ретко, млади уметници излегуваат во пресрет на барањата на граѓаните од разни урбани заедници да им се цртаат комбинирани слики на мурал и графит на запуштени објекти, на долги ѕидови и други јавни површини што освен што се штитат од непристојни и вулгарни содржини, овозможуваат подобар лик на населбата во која живеат.

Би можело да ве интересира

Почина сликарот Таки Павловски

Ана Ололовска

Утре започнува шестото издание на мултимедијалниот фестивал ArtArea/Артерија

Ана Ололовска

Започна 15-та јубилејна Меѓународна графичка работилница „Софија“ во Богданци

Ана Ололовска

Зоран Попоски изложува на Месецот на дигитална уметност во Париз

Ана Ололовска

Изложба на проширено кино „Терански Фрагменти“

Ана Ололовска

Избрани четворицата финалисти за наградата ДЕНЕС за млад визуелен уметник до 35 години

Ана Ололовска