Мултимедијалниот спектакл „Вивалдијано“ за 57. роденден на „Охридско лето“

Од:

Фестивалот „Охридско лето“ својот 57-ми роденден ќе го прослави со музичко-сценски спектакл вечерва на Античкиот театар, неповторливиот мултимедијален мега проект „Вивалдијано“.

Станува збор за меѓународен проект, најавен како вонвременски спој на уметничка изведба од страна на 16 реномирани музичари од различни стилови, кои ќе изведуваат познати класични дела на Вивалди базирани врз барокот.

На денешната роденденска прес-конференција, вечерашниот концерт беше најавен како најголем визуелен настан со досега невидена аудио и видео опрема, поставена на сцената на Античкиот театар, која на посетителите ќе им приреди незаборавно естетско доживување, надополнето со уникатни ефекти.

Директорката на „Охридско лето“ Сузана Вренцоска во оваа свечена пригода истакна дека приоритет на куќата во моментов е реализација на фестивалската програма.

– За нас најважно е да се гради брендот на институцијата, домаќинското работење и почитувањето на традицијата. Тоа ни дава поттик да продолжиме да ја градиме вредноста на ова светско собиралиште на врвни уметници, рече таа.

Селекторот на музичката програма Ѓорѓи Цуцковски истакна дека основа на проектот „Вивалдиано“ се композициите на маестралниот италијански композитор Антонио Вивалди, но претставен во нов возбудлив начин преку вешто спојување на касичната музика со модерни елементи.

– Визуелните 3Д ефекти и светлосното шоу дополнително придонесуваат за севкупното чувство на возбуда, рече тој, повикувајќи ги вљубениците во класичната музика на уживање во проектот „Вивалдијано“, на ново откривање на колоритните карактеристики што го детерминираат творештвото на големиот Вивалди.

Јакуб Швејда, организаторот на турнејата на „Вивалдијано“ истакна дека Античкиот театар е можеби најдоброто место за старт на проектот.

– Фестивалската публика вечерва ќе има можност да види спој на неповторливите креации на Вивалди со рок енергија…На посетителите ќе им понудиме тридимензионално патување низ музиката, со настап на врвни уметници од Прашката филхармонија и од целиот свет, зачинето со уникатен сценски настап меѓу две видео презентации, појасни тој.

За роденденот на „Охридско лето“ – 4 август, кога се одбележува годишнината од првиот концерт на оперската дива Ана Липша – Тофовиќ во „Света Софија“, традиционално на понуда е посебно одбрана програма со содржини што долго се паметат и остануваат запишани во фестивалската историја.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма