Кочани е домаќин на тридневен колаж од мултимедијални урбани културни настани, што се одржува во рамки на годишната програма за одбележување на Петровден – празникот на градот.
Во соработка со Македонскиот Рок Архив синоќа беше отворена ретроспективната изложба „Визуелниот говор на македонските носачи на звук во ХХ век“, а во текот на денешниот ден во Градскиот парк се одржува „Регионална берза на винили” и продажба на уметнички рачни изработки на која учествуваат поголем број домашни, но и понудувачи од соседните балкански држави.
– Се работи за еден мултимедијален настан што ја промовира урбаната култура, со тенденција Кочани да го врати своето место што некогаш го имаше на тој план. Ова е прва регионална летна берза на плочи кај нас, со оглед што досега имаше три зимски варијанти во Скопје. Дел од продавачите на винили се и диџеи и на сцената пуштаат музика од различни жанрови. Целта е многу почесто да се одржуваат вакви настани, како што синоќа членовите на бендот Суперхикс одржаа еден одличен концерт, што беше прв за нив, но и за Кочани по еден подолг период поради здравствената криза. Тоа покажува дека во градот и во регионот има луѓе на кои им се потребни урбани културни доживувања, истакна Тошо Филиповски од Македонски Рок Архив.
Во рамки на празничната програма со културни настани, во Кочани беа прикажани кратки документарни филмови од патувачкото кино МакеДокс, а се одржаа и ликовниот перформанс Арт варијации 2021, промоција на две книги, како и концерти на групите Тајмаут, Малинов Кру и Драган Теодосиев квартет.
Организатор на настаните е Општина Кочани, а програмата завршува утревечер со финалето на традиционалниот Петровденски турнир во мал фудбал.