Во Фондацијата „Никола Кљусев“ вечер ќе биде промовирана монографијата „Стела Слејанска-Стојаноска – пропагатор на современиот звук“ посветена на еден од доајените на македонската пијанистичка уметност и универзитетски професор.
Автор на делото во кое е опфатен нејзиниот севкупен уметнички, научен и педагошки опус, е Христо Стојаноски, а издавач е „Нампрес“.
Монографијата го претставува уметничкиот пат на Слејанска-Стојаноска (1944-2013), прв македонски пијанист кој се оформил во Париз. Основата за овој труд се голем број документи, податоци и сведоштва за нејзиниот живот и дело.
Монографијата ќе ја промовираат Викторија Коларовска-Гмирија и Тодор Светиев. Покровител на настанот е семејството на Слејанска-Стојаноска и го организира по повод денот на нејзиното раѓање.