Во мултимедијалниот културен центар „Матица ексклузив“ денеска напладне ќе биде промовирана монографија за акварелите на академик Васко Ташковски, во издание на Македонската академија на науките и уметностите и книгоиздателството „Матица македонска“.
Промоцијата ќе биде збогатена со изложба на акварели од познатиот автор, а за неговото дело ќе говорат Раде Силјан и Паскал Гилевски.
– Во изминатите пет децении творечка дејност, академик Васко Ташковски одбележа значајна етапа во современите текови на македонското сликарство. На неговите платна земните и мистичните појави ја имаат моќта на една пресликана реалност, таинствена и магиска. Во богатото творештво на авторот вљубениците во уметноста препознаваат волшебник на таинственото, фантастичното, мистичното, невозможното, пишува писателот Раде Силјан во препораката за изданието.