Македонскиот народен театар денеска и утре пред турската публика ќе ја изведе претставата „Животот на Молиер“ од Михаил Булгаков, во режија на Александар Поповски, на шестиот Интернационален театарски фестивал во Анталија.
– МНТ е единствен учесник од Балканот на фестивалот, кој од 17-ти до 27 мај 2015 се одржува во организација на Државниот театар од Анталија. Покрај ансамблот на Македонскиот народен театар, на фестивалот ќе настапат и реномирани театари од Индија, Русија, Романија, Норвешка, Франција и од Турција, соопшти МНТ.
Целта на фестивалот, посочува МНТ, е воспоставување соработка помеѓу Турскиот државен театар и националните театри од целиот свет и развивање долгорочни и креативни односи помеѓу театрите инспирирани од традицијата а кои се стремат да бидат иновативни.
По претставите ќе бидат организирани работилници, отворени настапи, како уличен театар, балетски претстави и концерти.