Советот на млади на општина Велес во соработка со Младинското драмско студио „Словото“ денеска во салата „Бели Мугри“ во Велес изведе претстава посветена на шпанскиот борец Ганчо Хаџи Панзов, а која бесплатно ја проследија 240 средношколци од градот.
Режисерката на претставата, Весна Димитрова Бобевски изјави дека сценаристот Љупчо Данов за оваа претстава се послужил со текстот од поемата на Ганчо Хаџи Панзов „Ќе се вратам“, како и со извадоци од неговиот животен и револуционерен пат.
Во претставата „Ганчо Хаџи Панзов“ настапија дваесетина млади актери – средношколци членови на Драмското студио „Словото“, а со кое раководи актерката и режисер Весна Димитрова Бобевски.
Главната улога во претставата за шпанскиот борец и херој Ганчо Хаџи Панзов ја игра младиот актер – ученик Стефан Николов.
– Претставата наиде на одличен прием кај средношколците. Тие ги наградија своите другари за одличната изведба на претставата од која научија многу за овој наш велешки и македонски херој за кој малку се знае.Тој е еден од петмината велешани кои учествувале во Граѓанската војна во Шпанија, а каде и го положил својот млад живот на 18 ноември 1936 година, информира Димитрова Бобевски.
Инаку, претставата досега ја проследиле поголем дел од основците, а денеска и средношколците од градот.
Ганчо Хаџи Панзов бил роден во 1900 година во Велес и потекнувал од многу богато семејство. Но, тоа не било пречка целиот живот да го посвети на револуционерната борба. Тој бил македонски комунист и поет, учесник во Шпанската граѓанска војна од 1936 година и меѓу првите македонски интербригадисти кои загинале во Шпанија. Tворечката активност на Хаџи Панзов е поврзана со периодот на неговиот престој во Париз. Пишувал на француски јазик, а од неговото творештво е сочувана поемата „Ќе се вратам“ и неколку песни „Бал на вентилаторите“, „Сирени“ „Алказар“ „Детството на еден град“ и „Поема за родниот град.