Кирилометиодиевската тема е најсилната врска која ги спојува Република Македонија и Република Словачка и нејзините два народа во словенскиот свет, истакна денеска словачкиот амбасадор Мартин Безак по повод премиерната проекција на третиот дел од документарниот триптих „Мисија на браќата Константин и Методиј“.
Филмот е во продукција на Словачката телевизија, а беше прикажан во Кинотеката на Македонија. Словачката амбасада во Скопје го организираше прикажувањето на филмот по повод 23 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Македонија и Република Словачка.
– Неизмерно сум горд на тоа дека Словачка е единствената земја во светот која во преамбулата на својот Устав даде дирекна рефернца на духовното наследство на Кирил и Методиј и историската порака на Голема Моравија, како трајни вредности на словачкиот народ. Подеднакво сум горд и на фактот дека ја претставувам Словачка во Македонија – територијата на која нивната мисија по нејзиното протерување од земјата на моите предци, целосно се развива во духовна, образовна и културна смисла, благодарение на дејствувањето на Свети Климент и Свети Наум Охридски, истакна амбасадорот Безак.
Првиот дел од документарниот триптих беше прикажан во 2015 година, а вториот во март минатата година. Сценариото е на Бернадета Токарова, а режијата на Кристијан Безак.