Министерството за култура ќе ја реставрира една од најстарите фрески во Струмица

Од:

Министерството за култура со Програмата за 2018 година ќе обезбеди средства за заштита и реставрација на една од најстарите фрески не само во Македонија, туку и на Балканот што се наоѓа во археолошкиот локалитет на црквата „Св.15 Тивериополски свештеномаченици“, а датира од деветти век. Ова денеска го најави министерот за култура Роберт Алаѓозовски кој е во работна посета на Струмица.

– Во 2018 година ургентно ќе биде направена конзервација на тој фрескоживопис, бидејќи навистина сме шокирани и скандализирани дека толку години не е направено ништо, а тоа е една од нашите најстари и највредни фрески кои што ги имаме, рече министерот Алаѓозовски.

Фреската на која се прикажани сите петнаесет мартири се наоѓа во централната крипта односно гробница во средишниот дел од средновековната црква, и според археолозите, претставува визуелна меморија која што христијанската заедница сакала да ја зачува за поколенијата што доаѓаат.

Министерот Алаѓозовски се сретна и со дел од културните работници во Струмица со кои договориле од наредната година, решавање на кадровските и просторните проблеми кои во моментов биле пречка за успешно работење на институциите.

– Денеска детално се запознав со проблемите кои се многу и наталожени, но нашата одлучност да ги решиме е голема. Станува збор за проблеми од адекватно вработување и персонал со кој институциите би ја исполнувале својата функција, до проблемите на самите згради, потребата за реконструкција на подрумите, на покривите, потребите од одредени просторни усогласувања, рече Алаѓозовски.

Министерството за култура со Буџетот 2018-2019 година согласно приоритетите ќе финансира решавање на овие отворени прашања, со што, според министерот, Центарот за култура и Завод и музеј Струмица ќе бидат гордост и министерството во функција на граѓаните.

Во рамки на посетата, министерот Алаѓозовски ќе ги посети и манастирите во Водоча и Вељуса, а вечер ќе присуствува на свеченото отворање на 25-то издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“.

Би можело да ве интересира

Том Холанд ќе глуми во адаптацијата на епот „Одисеја“

А1он

Промоција на збирката „Одглас“

Љутков: На Велес му го враќаме театарот во неговата вистинска институционална форма

Промоција на книгата „Милчо Манчевски“ и проекција на „Прашина“ во Кинотека

Предраг Петровиќ

Почина култниот режисер Дејвид Линч

Предраг Петровиќ

„Бруталист“-апсолутен добитник на Златен глобус

Предраг Петровиќ