Факултетот за драмски уметности од 3-ти до 6-ти ноември ќе биде домаќин на 23. „Скомрахи“ – Меѓународни средби на студенти од факултетите и академиите за драмски уметности, на кои ќе гостуваат студенти од Белград, Сараево, Загреб, Приштина, Софија и Љубљана.
Средбите ќе почнат и ќе завршат со претстави на македонски студенти – на отворањето в понеделник ќе биде изведена „Азизнаме“, испитна претстава на студентите по актерска игра во класата на проф. Елјеса Касо на ФДУ, а за затворањето во четврток со „Мизантроп“ – испитна претстава на студентите по театарска режија во класата на проф. Дејан Пројковски од Универзитетот ЕСРА.
Деканот на ФДУ Лазар Секуловски денеска на прес-конференција рече дека „Скомрахи“ ќе понуди богата програма, особено филмска. Дел од проекциите ќе бидат на ФДУ, а дел во Кинотеката на Македонија. Театарските претстави ќе бидат на ФДУ, освен претставата на ЕСРА која ќе биде изведена во Драмски театар-Скопје. Влезот за сите настани е слободен за посетителите.
– „Скомрахи“ се средби на кои факултетите и академиите, всушност студентите и професорите, го разменуваат искуството и знаењето за претставите и филмовите. Соработката со сродни факултети и академии е особено значајно за Факултетот за драмски уметности, зашто не сме факултет кој има големи финансиски средства за да може да ги праќа студентите по фестивали, иако се трудиме и во последниве години тоа е интезивирано. Значајно е што овде, на нашиот факултет, можеме да видиме методологии, нови правци и начини на работа на останатите факултети од опкружувањето. Во минатото имавме од многу земји од Европа, рече Секуловски.
Покрај филмови и претстави, на „Скомрахи“ ќе биде промовирана и книга: „Политиката и изведувачките уметности“ од Џанел Рајнелт, која на 4 ноември од 18 часот на ФДУ ќе ја промовира проф. Ивана Вујиќ од Факултетот за драмски уметности во Белград.
Во пресрет на „Скомрахи“ ФДУ викендов ќе одбележи 45 години од своето постоење со свечена академија и средба на генерации утревечер од 20 часот во Драмски театар, а в недела во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид ќе организира меѓународна конференција на која ќе учествуваат претставници од центрите во регионот од каде доаѓаат и екипите за „Скомрахи“. Темата на конференцијата е „Искуствата и перспективите на факултетите за драмски уметности“.