Осмото издание на Меѓународната ликовна колонија, која оваа година е насловена по кавадаречкиот ликовен уметник Ристо Соколов-Сокол, синоќа беше отворена во хотел „Фени“ во Кавадарци.
На годинашново издание учествуваат над 20 ликовни уметници од Бугарија, Србија, Црна Гора и Македонија. На колонијата координацијата ја имаат познатите ликовни уметници Кирил Казанџиски и Новица Трајковски, а на неа освен етаблирани ликовни автори, учествуваат и млади ликовни уметници, повеќето долгогодишни ученици и соработници на Ристо Соколов.
Над 110 ликовни уметници досега твореа на оваа Меѓународна ликовна колонија, оставајќи зад себе над 250 ликовни дела кои се трајно поставени низ сите адекватни простории на хотелот.