Во домот на културата “Иван Мазов Климе” во Кавадарци, синоќа, по 19-ти пат беше отворена интернационалната ликовна колонија “Михајлово Кавадарци 2014 “.
– На колонијата, која од денеска се одржува во Михајлово во пазувите на планината Кожув, ќе творат дваесетина ликовни уметници кои неколку дена ќе црпат инспирација од прекрасното поткожувје. Ние им посакуваме плодна работа и уште многу години колонија, рече пред присутните кавадаречкиот градоначалник Александар Панов.
Во рамките на отворањето на колонијата беше презентирана и изложба на дела од ликовниот уметник Емил Шулајковски од Скопје.
Директорот на културниот дом Владимир Темков рече дека постановката ја одликува богат колорит со што некои од делата како да ги отсликуваат Сонцето и светлината на плодната Тиквешија и најголемиот лозаровинарски регион во Македонија.