Во ова време „невреме“, во период на светска пандемија на Ковид – 19, со голема жал за починатите кои не ја преживеаја оваа напаст, да останеме дома и да ги почитуваме сите препораки, да се заштитиме себе, но и сите вас како најважно нешто во овој период, но и да не ја заборавиме обврската како професија и како општетство, да ја споделиме одговорноста за заштитата на нашето огромно недвижно културно наследство на национално и на светско ниво, сега и во иднина.
Ова се вели во апелот од Националниот комитет на ИКОМОС – Меѓународен совет за споменици и места по повод Меѓународен ден на спомениците и локалитети – 18 Април.
Со оглед на тековното глобално појавување на „Ковид-19“ и мерките за ограничување во различни земји низ целиот свет, ИКОМОС охрабрува Меѓународниот ден за споменици и локалитетите да се прослави во согласност со упатствата на локалните и националните влсати за да се обезбеди безбедност на учесниците.
Прославата и активностите по повод 18 Април, организирани од страна на Националните и Меѓународните научни комитети, оваа година се на темата „Споделени култури, споделено наследство, споделена одговорност“, која, се посочува, е важна како израз на нашето глобално единство во светлината на тековната здравствена криза.
Националниот комитет – ИКОМОС Македонија ќе го прослави овој ден согласно препораките на Меѓународниот ИКОМОС и согласно поддржаниот проект на Конкурсот на Министерството за култура за 2020 г. Нивната активност, заради непредвидената состојба со пандемијата – COVID – 19, најавуваат дека ќе се одвива главно во две фази.
Во првата фаза, како што наведуваат во соопштението, пред, за време и непосредно по Меѓународниот ден, ќе содржи повеќе активности меѓу кои и Промоција на кампањата за воспоставување на профили/страни ИКОМОС Македонија на социјалните мрежи: Фејсбук/Линкдин/Твитер/Инстаграм/ со постирање на фотографии и текстови поврзани со заштитата на недвижното културно наследство на нашите членови.
Во втората фаза, што ќе се одвива по престанување на Вонредната состојба и ограничувањета во движењето и состанувањето, со реализација на поддржаниот проект од Минитерството за култура, по повод 18-ти април, предвидено е „Стручно и професионално организирана тура (разглед) на најзначајните споменици во Скопје кои се репрезенти на културното наследство на различните заедници граѓани, а сепак се заеднички, односно споделени од сите“.
-Имено, ИКОМОС-Македонија ќе објави јавен повик до сите заинтересирани граѓани да ни се придружат на организирана стручна тура (разглед) под водство на наши членови, специјалисти за различните видови културни добра без надомест. Во турата ќе бидат опфатени поединечните спомениците во Старата скопска чаршија (нејзините цркви и џамии), но и „новиот“ дел од градот со модерната архитектура која е културно наследство. Ова ќе претставува еден поинаков начин на разгледување и доживување на градот и неговото културно наследство за разлика од „класичните“ туристички тури, при што граѓаните-ученици во турата ќе имаат можност за запознавање на вредностите на културните добра не само од историски и естетски аспект, туку и од аспект на нивната заштита и заложбите за нивно зачувување за идните генерации, односно за нивните деца и внуци. Ќе им бидат презентирани мерките кои ги преземаат јавните национални институции за заштита на културното наследство (со што ќе се промовира и нивната стручна работа), но и на нашето здружение. Сметаме дека јавниот повик (кој ќе биде објавен на нашиот веб сајт и на социјалните медиуми) ќе наиде на голем одзив кај јавноста како пилот-проект, па би можеле да организираме вакви активности и во другите градови низ земјава, стои во соопштението.
Самата тема „Споделено наследство“, според Националниот комитет на ИКОМОС, е исто така мошне значајна и сензитивна, особено за мултикултурно општество како нашето, па нејзиното нагласување и промовирање како концепт, несомнено ќе придонесе кон зближување на заедниците и рушење на концептите на „туѓо наследство“ или „наследство на другиот“.
Темата, се додава, на нашата активност е во силна врска со заложбите и концептите на Националната стратегија за развој на културата 2018-2022, а особено со новата владина Стратегија за едно општество и интеркултурализам.
Како втор дел од проектот предвидено е организирање стручна посета на манастирот „Св.Никита“ во с.Горњани на падините на Скопска Црна Гора за членовите на ИКОМОС и за други стручни лица од институциите за заштита на недвижното културно наследство. Во рамки на оваа еднодневна посета на овој исклучително значаен манастир од 14.век е предвидена пленарна дискусија за состојбата на црквата (нејзината архитектура и живопис), која, за жал, посочуваат, не била предмет на конзерваторско-реставраторски зафати мошне долг временски период. Како производ на стручната дискусија ќе биде изготвен прелиминарен извештај со стручни препораки кој ќе го доставиме до Министерството за култура. (Раководител на проектот: М-р Кристина Бицева Стојковска)“
-Со надеж дека наскоро ќе престане сегашната закана по нашето здравје, и дека ќе имаме што помалку изгубени човечки животи, да почнеме уште поактивно да се грижиме за нашето драгоцено недвижно културно наследство со уште поголема вклученост – “споделеност на одговорноста“ на сопствениците, корисниците, институциите и експертите, кои делуваат во ова поле на активност од посебен национален интерес, се наведува во соопштението од ИКОМОС.
ИКОМОС е единствена глобална невладина професионална организација, основана во 1965 година, една година по донесувањето на Венецијанската повелба (1964), која се бави со конзервацијата и заштитата на недвижното културно наследство, која е посветена на промоцијата на примената на теоријата, методологијата, и научните техники за конзервација на архитектектонското и археолошкото наследство. ИКОМОС е мрежа на експерти која ја користи и унапредува интердисциплинарната размена знаењето и искуството на своите членови – архитекти, историчари, историчари на уметноста, археолози, антрополози, инжењери, урбанисти. Членовите на ИКОМОС придонесуваат кон унапредување на заштитата на наследството, стандардите и техниките за секој вид на недвижно наследство: градби, комплекси на градби, историски градови и села, културен предел и археолошки локалитети.
Во 1982 година, ИКОМОС го номинира 18 април како Меѓународен ден на спомениците и локалитетите. УНЕСКО наредната година (1983) го одобри на својата 22-ра Генерална конференција. Од тогаш 18-ти април е ден на прославување и промоција на културното наследство, и претставува можност за подигање на свеста за неговиот диверзитет, за неговата важност и повредливост, за неговите потреби и за потребата за неговата конзервација.