„Медена земја“ со нови награди за најдобар документарец и за кинематографија

Од:

„Медена земја“ деновиве во САД доби неколку нови престижни награди за најдобар документарец и за кинематографија. Тимот на македонскиот документарец ја прими наградата за најдобар документарен филм, што ја доделува најпрестижното здружение на филмски критичари во Америка – New York Film Critics Circle.

Продукцијата на филмот соопшти дека на гала вечерта што се одржала на 7 јануари, тимот на „Медена земја“ ја делел бината со светски легенди на филмот: Квентин Тарантино, Бред Пит, Мартин Скорсезе, Роберт де Ниро, Џо Пеши, Алек Болдвин, Стив Бушеми, Спајк Ли, Антонио Бандерас, Рис Витерспун, Лора Дерн и други.

-Режисерот Љубомир Стефанов во својот говор се заблагодари на здружението и ја поздрави легендарната Ејми Таубин, 80-годишната влијателна критичарка, која пишува од времето на Енди Ворхол. Таа е автор на една од најубавите рецензии за „Медена земја“ – со наслов „Рој и нежност“ (Swarm and tender), која беше објавена во „Артфорум“. Режисерката Тамара Котевска, пак, потсети колку се чини нереално да се добие ова признание и да се биде меѓу сите славни имиња после четири години поминати во шатори во Бекирлија. Таа рече и дека после сето ова тимот на филмот повторно би влегол во иста таква авантура и им порача на колегите документаристи да го сторат истото бидејќи играниот филм секогаш ќе добива инспирација од документаризмот, наведува продукцијата.

Членови на најстарото здружение од овој тип, кое годинава по 85-ти пат доделува награди, се критичарите од: „Њујорк тајмс“, „Њујоркер“, „Индивајр“, „Ролинг стоун “, „Варајети“, „Венити фер “, „Артфорум “ и други.

Снимателите на „Медена земја“, Фејми Даут и Самир Љума, деновиве ја добија наградата „Cinema Eye Honors“ за исклучително достигнување во кинематографијата. Оваа награда се доделува за извонредност во документарните филмови и вклучува награди за дисциплини во режирање, продукција, кинематографија и монтажа. Наградите се доделуваат секој јануари во Њујорк и се одржуваат од 2011 година во Квинс.

Режисерите Котевска и Стефанов, исто така, се номинирани за наградата која ја доделува Directors Guild of America (DGA). Наградите кои ги доделува Унијата на режисери на Америка се сметаат за особено значајни предвесници на оскаровската трка.

„Медена земја“ ја доби и наградата за најдобар документарен филм која ја доделува Меѓународното здружение на филмски критичари (НСФЦ). Меѓународното здружение на филмски критичари е организација основана во 1966 година, а наградите што ги доделува се сметаат за едни од најпрестижните во Америка. Во здружението членуваат голем дел од филмските критичари што пишуваат за медиуми како „Вол Стрит Џурнал“, „Њујоркер“, „Бостон Хералд“ и други.
Филмот е прогласен и за најдобар документарец на „Dorian Awards“ што ги доделува Здружението на ЛГБТ – критичари во САД.

„Медена земја“ е и во потесниот избор за номинација за „Оскар“, и тоа во две категории – за најдобар документарец и за најдобар странски филм. Номинациите со петте кандидати во игра за најпрестижната филмска награда ќе бидат соопштени в понеделник (13 јануари). Доколку „Медена земја“ добие номинации за „Оскар“ во двете категории, ќе биде прв филм од нашата земја што успеал во тоа.

Во меѓувреме документарецот повторно се прикажува во скопските кина: од вчера е на репертоарот на „Милениум“, од 13 јануари во Кинотеката, а од 16 јануари и во киното „Синеплекс“.

Би можело да ве интересира

Седумнаесетта „Недела на јапонски филм“ во Скопје и Битола

Критичарите воодушевени од новиот хорор филм: Го нарекуваат најстрашниот филм од „The Shining“

Предраг Петровиќ

Во Турција е забранет новиот филм на Даниел Крег со интимни геј сцени

Предраг Петровиќ

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Лијам Нисон призна дека Памела Андерсон му го освоила срцето: Лудо сум вљубен во неа

Предраг Петровиќ

Недела на романски филм во Кинотека: Проекции на филмовите на Пују, Мунџиу, Порумбоју и Жуде кои ја поставија Романија на мапата на светската кинематографија

Предраг Петровиќ