Меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ ќе учествува во уметничката програма која Меѓународниот Олимписки комитет ја подготвува за претстојните олимписки игри во Рио де Жанеиро, Бразил.
На денешната прес-конференција во Битола, раководителот на детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“-Битола Коста Хаџиантоновски истакна дека по Сиднеј, Атина, Пекинг и Лондон, „Мал битолски Монмартр“ ќе учествува со специјална ликовна изложба и во Рио.
– Потврдата за учество во Рио пристигна, а темата на ликовната изложба не ја менуваме и останува иста „Олимпијадата во очите на децата“. Во Бразил сакаме да се претставиме во најдобро издание затоа што се сметаме за бренд во Македонија и во светот и повторно да ја оправдаме довербата на Меѓународниот олимписки комитет, истакна Хаџиантоновски.
Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“-Битола денеска го објави меѓународниот повик за учество на најновото издание на „Мал битолски Монмартр“ што ќе се одржи на 24 мај во Битола, Охрид и во Крушево.
– Задоволни сме од постигнатото во 2015 и со исти амбиции ја дочекуваме новата 2016 година. Во оваа година нашите членови беа наградени на меѓународните ликовни манифестации во Канагава во Јапонија, Хајдерабад во Индија, Нова Загора и Банско во Бугарија, Троа во Франција, Белград во Србија, Голешти во Романија, Торун во Полска и Хонг Конг во Кина. Специјалните признанија, медали и плакети ќе ги врачиме на 25 јануари, кога сите наши членови го одбележуваат роденденот на еден од најголемите пријатели на студиото, Тоше Проески, посочи Хаџиантоновски.