Програмата на „Охридско лето“ за вечер предвидува два концерти за вљубениците во класичната музичка уметност. Фестивалската сцена на катедралната црква „Света Софија“ е резервирана за македонското трио „Аура“ што го сочинуваат Страшо Темков на флејта, пијанистката Ана Гацева и фаготистот Марјан Милошевски и за црногорскиот дувачки квинтет во состав Марија Ѓурѓевиќ-Илиќ на флејта, Надица Ристиќ-Симовиќ на обоа, Ана Абрамовиќ – хорна, Антонио Насевски – фагот и Петар Гариќ – кларинет.
На програмата на првиот концерт закажан за од 20:30 часот се избрани дела на Лефебре, Јанса, Пјацола и Димушевски.
Триото „Аура“ го сочинуваат истакнатите македонски уметници Темков, Гацева и Милошевски кои работат како професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Имаат реализирано многубројни рецитали како солисти и камерни музичари во Америка, Франција, Германија, Австрија, Англија, Бугарија, Азија, Африка, Србија, Словенија за кои добиваат позитивни оценки.
Критиката ги нарекува „мајстори на својот инструмент“, а поради забележителните концерти во својата земја и во странство, тие несомнено се вбројуваат меѓу најдобрите и најактивните музички изведувачи во Македонија. Триото „Аура“ има долгогодишна и богата концертна активност, изведувајќи дела од сите музички епохи и стилови, а често промовира премиерни дела од македонски композитори, напишани специјално за овој состав. Нивното заедничко камерно музицирање го карактеризира изразено чувство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звукот и изразот.
Вториот концерт чиј почеток е закажан за од 22 часот ќе ги претстави петте уметници од Црна Гора, кои ќе изведат дела на Цанев, Лигети, Нилсен.
Црногорскиот дувачки квинтет е оформен како резултат на долгогодишната соработка на првите инструменталисти на Црногорскиот симфониски оркестар. Водени од желбата за истражување на репертоарот создаван за дувачки квинтет, како и од потребата за постоење на еден ваков ансамбл во Црна Гора, членовите на квинтетот веќе подолго време се претставуваат на сцените на црногорските градови и надвор од границите на Црна Гора.