Македонскиот виолинист Џафер Џафери вечерва на „Охридско лето“

Од:

Нашата најреномирана музичко-сценска манифестација „Охридско лето“ продолжува со вечерашниот концерт на македонскиот виолинист Џафер Џафери, кој заедно со германскиот уметник Николас Алтстаедт на виолончело, во придружба на аргентинскиот пијанист Хозе Галардо ќе изведат дела на Хајдн, Бетовен, Брамс.

Инаку, практика на „Охридско лето“ е фестивалската програма во секое издание да вклучува македонски уметници кои успешно делуваат надвор од државата.

– Во концепирањето на програмата на „Охридско лето“ секогаш значаен сегмент има учеството на македонски уметници. Со посебно задоволство и чест свое место заземаат и македонските уметници кои успешно делуваат и надвор од Република Македонија кои градејќи ја својата кариера преставуваат вистински промотори на македонската култура. Во ова фестивалско издание, со големо задоволство, една концертна вечер ќе биде отстапена на еден од најуспешните македонски виолинисти Џафер Џафери кој години наназад успешно делува во Германија, изјави селекторот на музичкиот дел од програмата Гордана Јосифова – Неделковска.

Џафер Џафери почна да учи виолина во Македонија, а го продолжи образованието во европските земји, завршувајќи го Конзерваториумот „Петер Корнелиус“ во Мајнц кај Е. Гега и продолжувајќи го студирањето во Фиренца на „Скуола ди музика ди Фиесоле“ со Павел Верников и Високата музичка школа и уметност во Манхајм со Дора Брачкова.

Добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и грантови од фондациите за поддршка на млади таленти, вклучително право да свири на виолина од кремонскиот мајстор В. Панормо (1760). Настапувал како солист со оркестрите од Македонија, Германија и др, а како член на симфониските оркестри од Бон, Виена, Манхајм, Германската радиска филхармонија има учествувано на бројни турнеи низ Европа, Јужна и Северан Америка.

Николас Алстаедт е еден од најуспешните млади уметници на денешнината. Како последен студент на Борис Пергаменшчиков во Берлин, а потоа – на Еберхард Фелтц, тој се закити со бројни меѓународни награди и почна успешна кариера со забележителни проекти меѓу кои е изведбата на Шумановиот концерт со Виенската филхармонија под диригентство на Густаво Дудамел на фестивалот во Луцерн.

Следеа концертите со оркестрите на Би-Би-Си и други познати светски оркестри под диригентство на истакнатите уметници како сир Невил Маринер, Нееме Јарви, Владимир Федосеев и др. Алстаедт постојано соработува со најзначајните современи композитори како Ѓорѓ Куртаг, Јорг Видман, Мориц Егерт, Софија Губајдулина, Томас Адес и др. Тој е еден од малкуте европски уметници кој беше член на Здружението на камерната музика на Линколн центар во Њујорк во 2009-12 година. Неговите компакт дискови со концертите на Шуман и Хајдн, како и камерни дела, беа промовирани со голем успех.

Хозе Галардо ги започна своите часови по пијано на петгодишната возраст на Конзерваториумот во Буенос Ајрес, а продолжи на Универзитетот во Мајнц со Полди Милднер. По успесите на бројните меѓународни натпревари следеа повеќе турнеи и настапи на престижни фестивали, вклучително фестивалот на камерна музика во Локенхаус, фестивалите во Вербје, Луцерн и др. Како камерен музичар Галардо соработува со истакнатите уметници од Европа, Азија, Израел, Океанија, Јужна Америка меѓу кои Гидон Кремер, Џошуа Бел, Линус Рот, Барнаба Келемен и многу други. Галардо има настапувано во најдобрите светски сали – Берлинската Филхармонија, Тонхале – Цирих, Мусикхале – Хамбург, Театро дела Пергола – Фиренца, Санта Чечилија – Рим, Вигмор Хол – Лондон. Соработувал со познатите уметници на меѓународните мастер класи, и самиот предавал на Универзитетот во Мајнц и во Леополд Моцарт – Центарот во Аугсбург.

Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ со почеток во стандардниот термин од 21 часот.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма