Македонската книжевност успешно претставена на најголемиот саем на книга во Франкфурт

Од:

Голем интерес за македонскиот пишан збор имаше и на 65-тото издание на најголемиот саем на книга во светот, во Франкфурт. Одбраните дела на 18 македонски автори, најзначајните публикации од домашни автори од сите издавачки куќи, како и едицијата 130 тома македонска книжевност преведена на англиски јазик, привлече голема публика.

Претставувањето на македонската книжевност на Саемот на книгата во Франкфурт го организираше Здружението на издавачи и книжари на Македонија. Новина во начинот на презентација претставува ангажманот на посебна комисија од еминентни познавачи на македонската книжевност, која оваа година ја сочинуваат универзитетските професори и критичари проф. д-р Елизабета Шелева, проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Комисијата специјално за оваа пригода подготви избор, кој беше преведен и отпечатен во брошура на англиски јазик, со која пред странските издавачи во сублимирана форма се претстави дел од современата книжевна продукција во Македонија.

Во текот на работата членовите на комисијата извршија селекција на конкретни наслови објавени во текот на изминатата декада, што преку извадоци или во целост се вклучени во брошурата. Притоа, водено е сметка за неколку начелни параметри, но пред сè, за квалитетот на делата, за нивната жанровска разновидност, за застапеноста на автори од различни генерации, како и за претпоставената атрактивност на избраните содржини пред европскиот книжевен пазар.

Основниот концепт на ваквиот начин на презентација е да им се овозможи на делата да ја покажат својата книжевна релевантност во контакт со заинтересираните странски издавачи.

Основен слоган на презентацијата е „Куќа на зборови – куќа на светови“, што во својата англиска верзија содржи досетлива игра на зборови, а ја симболизира современата македонска литература како еден јазичен трезор, во кој свое место имаат различни поетички профили, имагинативни светови и стилски пристапи, наративни техники, мотивски јадра, изразни решенија… Симболот на „куќата“ поизразено или затскриено ги пронижува речиси сите избрани дела. Под „покривот“ на оваа „куќа“ се издвојуваат три сегменти, што обединуваат три групи текстови, блиски по своите доминантни карактеристики.

Првиот сегмент насловен „Пишување (надвор од) дома“ обединува романи и поезија, обележани како проблематизација на темата „дом и (не)вдоменост“, што е една од најпровокативните теми на современата хуманистичка сфера. Во вториот сегмент со наслов „Умешностите на занаетот“ се претставени мајсторски книжевни остварувања, кои се доминантно артистички, фикционални, интертекстуални, пародични. Третиот сегмент наречен „Отклучување на интимата“ се занимава со дискурс што е потенцирано емоционален, еротичен, исповедно реалистичен. Овие три сегмента во брошурата и во комплетната презентација се поткрепени со визуелни амблеми, што претставуваат стилизации од македонското културно наследство, и тоа, првиот со илустрација на „Охридска куќа“, вториот со „Филигранска пеперутка“, а третиот со „Големата мајка“.

Во вака осмислената презентација беа вклучени вкупно 18 македонски современи автори: Кица Б. Колбе, Митко Маџунков, Лидија Димковска, Никола Маџиров, Николина Андова-Шопова, Димитрие Дурацовски (шестмина во првиот сегмент); Венко Андоновски, Ермис Лафазановски, Влада Урошевиќ, Александар Прокопиев, Блаже Миневски и Владимир Мартиновски (во вториот сегмент) и Луан Старова, Оливера Николова, Драги Михајловски, Оливера Ќорвезироска, Лилјана Дирјан и Игор Исаковски (во третиот сегмент).

Осумнаесеттемина застапени автори не го исцрпуваат богатството и комплексноста на македонската литература, а сепак, нивната репрезентативност би можела да биде поттик за заинтересираност и внимание на европските издавачи за спецификите и вредностите на македонската култура воопшто.

При претставувањето на македонската книжевност на Саемот на книгата во Франкфурт беше промовиран и Повикот за финансирање на објавување и преведување дела од македонската литература на странски јазици на Министерството за култура на Република Македонија, како значаен фактор во афирмацијата на македонските културни вредности во светот, кој побуди голем интерес кај многу издавачи и институти за книга и книжевност низ светот, поради значајното олеснување во реализацијата на евентуалните преводи на македонски автори во странство.

На 11.11.2014 г., во рамки на Саемот на книга во Франкфурт, се одржа централниот настан на штандот на Здружението на издавачите и книжарите на Македонија, со претставувањето на современата македонската литература. Промоцијата, насловена „Куќа на зборови/Куќа на светови“ (House of Wor(l)ds), со почеток во 12 часот, а Соња Стојменска-Елзесер, Елизабета Шелева и Весна Мојсова-Чепишевска зборуваа за трите концепти што беа опфатени со овој наслов: „Пишување (надвор) од дома“, „Умешноста на занаетот“ и „Отклучување на интимноста“. Во рамки на промоцијата беа претставени и авторите Луан Старова, Лидија Димковска и Никола Маџиров кои прочитаа извадоци од своето творештво.

Би можело да ве интересира

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје

(ВИДЕО) Муамер Абедин, самоук музичар на повеќе од десет инструменти: Научив да свирам од велешката чалгија во која уживал и турскиот султан

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска објасни: Не финансираме фестивал во Косово, туку наши театри кои ќе учествуваат

А1он

Детска интерактивна музичка претстава „Операта на шумските животни“ во НОБ

Предраг Петровиќ