Со македонската премиера на „Исцелител“ по сценарио и режија на Ѓорче Ставрески и доделување награди за најдобри филмови од двете натпреварувачки селекции – Официјалната и СинеБалкан, вечер во кино „Милениум“ ќе заврши 16. Фестивал на европски филм „Синедејс“.
Светската премиера на првиот долгометражен филм на Ставрески беше пред десетина дена на 58. Солунски филмски фестивал, каде ја освои наградата на публиката во програмата „Balkan Survey“ – единствената награда што се доделува во балканската програма (во која учествуваа десет филмови) и прва што му се доделува на македонски филм во 58-годишното постоење на фестивалот во Солун.
Во филмот „Исцелител“, кој вечер ќе се прикаже во гала-програмата на „Синедејс“, играат Благој Веселинов, Анастас Тановски, Аксел Мехмет, Димe Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ и Симона Димковска. Директор на фотографија е Дејан Димески.
По вечерашната македонска премиера, „Исцелител“ од утре ќе биде прикажуван во кината низ Македонија.
„Синедејс“ вечер ќе заврши со доделување на наградите за најдобар филм меѓу осумте во Официјалната програма и меѓу шесте во натпреварувачката програма СинеБалкан.