Македонија домаќин на „Култура: мост кон развојот“

Од:

Заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ денеска ќе се обрати на отворањето на третиот дводневен состанок на Меѓународниот управен комитет организиран во рамки на иницијативата на УНЕСКО „Култура: мост кон развојот“, чиј домаќин е Република Македонија.

Целта на овој состанок, на кој учествуваат претставници од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Словенија и од Хрватска, како и од меѓународните институции: УНЕСКО, „Mémorial de la Shoah“ (Франција), „Topographie des Terrors“ (Германија) и „Музејот Аушвиц“ (Полска), е продолжување на разговорите за реновирање и трансформација на Блок 17, кој се наоѓа во Државниот музеј Аушвиц – Биркенау, Полска, како и поставување заедничка изложба посветена на холокаустот – проект на земјите од регионот.

На состанокот, како што информира Министерството за култура, ќе бидат разгледувани повеќе активности околу идната реализација на заедничкиот проект, како изработка на хронологија на најважни датуми кои се однесуваат на Втората светска војна, изработка на документ со консолидирани податоци за депортираните лица во Аушвиц, мапирање на постојната документација и на документацијата што недостига, материјали и архиви што може да се искористат за изложбата, како и кратка анализа на улогата/важноста на депортацијата во Аушвиц за секоја земја.

– Република Македонија е единствената земја во овој дел од Европа каде  што е изграден паметник за македонските Евреи кои настрадаа во геноцидниот виор во Втората светска војна. Меморијалниот центар на Евреите претставува институција којашто има големо значење и во промоцијата на едукацијата за холокаустот, аспект кој е високо позициониран во агендата на Обединетите нации, која ги поттикнува земјите-членки, меѓу кои и Република Македонија, да развиваат едукативни програми со цел да се пренесе сеќавањето за холокаустот на идните генерации, се вели во соопштението на Министерството за култура.

Целта на глобалната иницијатива на УНЕСКО „Култура: мост кон развојот“, во чии рамки се одржува состанокот, исто така, е и подобра промоција на културното наследство во сите негови форми, како моќен и уникатен инструмент за одржлив социјален и економски развој, социјална кохезија, образование и меѓусебно разбирање, со што се отвораат можности за поголема меѓународна соработка.

Би можело да ве интересира

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје

(ВИДЕО) Муамер Абедин, самоук музичар на повеќе од десет инструменти: Научив да свирам од велешката чалгија во која уживал и турскиот султан

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска објасни: Не финансираме фестивал во Косово, туку наши театри кои ќе учествуваат

А1он

Детска интерактивна музичка претстава „Операта на шумските животни“ во НОБ

Предраг Петровиќ