Триесет и првата Меѓународна ликовна колонија „Св. Јоаким Осоговски“ – најстара културна манифестација во Крива Паланка која три децении се одржува во Осоговскиот манастир, годинава се одржа во скратено издание. Настанот беше во форма на ликовен хепенинг на кој учествуваа седум уметници од Македонија, Бугарија и Србија.
– Иако во кратка форма, целта на колонијата е остварена. Се случи креативна конфронтација на неколку балкански култури која резултираше со издржани, високоестетски ликовни дела, насликани со различни стилски ракописи. Од објективни причини, ова издание на колонијата се одржа во скратена верзија, како арт-хепенинг, но најстарата култрна манифестација во општината е зачувана и се одржува нејзиниот континуитет, изјави Јордан Михајлов, заменик координатор на колонијата.
Уметничкиот хепенинг се одржа од 8-ми до 11 септември во манастирскиот комплекс „Св. .Јоаким Осоговски“. Учествуваа македонските уметници Димитар Стојчевски, Стефан Хаџи-Николов, Мирјана Крстева-Мацети, Дејан Иванов-Маргуш, како и Јелена Јоветиќ од Србија и Сашо Евтимов и Дарија Евтимова од Бугарија.
– Работевме со редуциран број учесници, седум ликовни творци кои инспирирани од сакралноста на објектот создадоа седум ликовни дела кои остануваат во сопственост на манастирската збирка на колонијата, која брои над 200 ликовни дела, додаде Михајлов.
Во изминатите триесет години на колонијата учествувале меѓу 12 и 15 ликовни творци, а таа траеше од 10 до 15 дена. Минатата година, на 30-тата, јубилејна колонија учествуваа 20 творци од 10 држави.
Меѓународната ликовна колонија „Св. Јоаким Осоговски“ е трета по старост во Македонија, по Струмичката и Прилепската колонија.
Годинава таа се одржа под покровителство на Кумановско-осоговската епархија на Македонската православна црква.