„Акварелите од чешмата кај Доча“ е тема на ликовната работилница што денеска се одржа во организација на општинската установа Дом на културата „Драги Тозија“.
Четиринаесет учесници од различна возраст твореа во куќата на Дочовци кај познатата чешма, а творбите ќе бидат изложени во Домот на културата „Драги Тозија“ или попознат како ресенскиот Сарај.
Ресен, како што истакна директорот на домот на културата, Васко Василевски, изобилува со богата традиција и култура.
– На чешмата кај семејството Дочовци, како што прикажуваат во Ресен, се пиела најубавата вода, а од неа и се правеле најубавите акварели. Така, следејќи ја богатата историја, аплициравме со проектот „Акварелите од чешмата кај Доча“ до Министерството за култура и овој проект беше прифатен во овогодишната програма. Денешните акварели ќе бидат изложени во Домот на културата „Драги Тозија“ заедно со делата од ликовната работилница која традиционално, веќе четврта година по ред, се одржува во септеври, истакна Василевски.
Проектот „Акварелите од чешмата кај Доча“ прв пат се одржува во Ресен со поддршка на Министерството за култура.
– Овој настан е само дел од низата содржини кои се составен дел од богатото културно лето во Ресен, во организација на Домот на културата „Драги Тозија“. По огромната посетеност на гостувањето на театарската претстава „Жена на позајмица“ на Драмското студио „Солза и смеа“ од Битола, во наредниот период се предвидени голем број културни настани, информира Василевски.
Според него, на 7 јули, со единствени обичаи и на единствен начин во Македонија, во Ресен ќе биде одбележан празникот Иванден, со манифестацијата „Иванки“.