Традиционалната интернационална ликовна колонија „Галичник“, своето, 26. издание ќе го започне во петок, 15. август и ќе трае до 22. месецот.
На колонијата ќе учествуваат 9 уметници од повеќе земји и тоа: Дејвид Голденберг – Велика Британија (еден од минатогодишните претставници на Велика Британија на Венециското Биенале); Катарина Банушевац – Србија; Јоана Пиару – Романија; Беким Корча – Косово; Маурин Бахаус – Холандија; Ајсберг Фернандез – Шпанија; Јетон Муја – Косово; Бригита Антони – Црна Гора и Ана Лазаревска – Македонија. Овогодишната сесија на ликовната колонија Галичник, со цел да го одржи не само квалитетот и професионалноста, кој е веќе потврден и од домашната уметничка фела и критика, но и од странската, туку и да биде во чекор со најновите текови во уметноста, и овој пат ќе опфаќа работа само и исклучиво со таканаречените „нови медиуми“, т.е. фотографија, дигитална графика, фото инсталација, видео арт, видео инсталација. Сите учесници се значајни и афирмирани уметници во земјите од каде доаѓаат, а и пошироко, со исклучителни остварувања зад себе и иако повеќето млади имаат веќе изградени богати биографии.
– Очекуваме и убедени сме, дека и овогодишната креативна средба, како и сите досега, ќе се одржи на највисоко професионално ниво и дека како резултат на тоа ќе бидат создадени одлични дела, а Ликовната колонија Галичник уште еднаш ќе го докаже квалитетот и посебноста, поради која стана препознатлива и единствена манифестација не само во Македонија, туку и на светската арт мапа, вели Ана Франговска, уметнички раководител на колонијата
А.Б.