По синоќешниот роденденски концерт на „Howard Gospel“ хорот на Античкиот театар, музичката програма на „Охридско лето“ продолжува со концерт на светски познатиот гитарист и лаутист од Хрватска – Един Карамазов.
Карамазов на концертот во катедралната црква „Света Софија“ ќе изведува дела на Скулторп, Брауер, Парт, Сор, Бариос и Пјацола.
Един Карамазов критичарите го вбројуваат во „највозбудливите и најхаризматичните лаутчии на денешницата“, изведувач кој смело ги истражува крајните граници на двата инструмента што ги владее – гитарата и лаутата. Лаута студирал на Музичката академија „Скола канторум Базилиенсис“ (Schola Cantorum Basiliensis) во Базел. Неговите фасцинантни настапи низ целиот свет, предизвикуваат воодушевувања кај публиката и кај критиката. Соработувал со голем број меѓународни оркестри и ансамбли, како: ансамблот „Хилијард“, камерниот оркестар „Орфеус“, ансамблот „Хесперион“, вокално-инструменталниот состав „Мала пуника“ и други.
Во текот на својата кариера соработувал и со повеќе реномирани уметници, меѓу кои Андреас Шол, Ариана Савал, како и со познатиот британски рок-музичар Стинг. Токму со Стинг во 2006 година го сними албумот со класична музика насловен „Songs from the Labyrinth“, кој постигна огромен успех во светот.
Добитник е на многубројни награди, меѓу кои престижната награда „Едисон“ во 2002 година, потоа наградата „Кубадиско“ за најдобар странски музичар на Куба, а номиниран бил и за наградите „Греми“ во 2001 година и за наградите „Брит“ во 2007 година. Карамазов е добитник и на неколку признанија. Голем број композитори (Кшиштоф Пендерецки, Арво Парт, Никита Кошкин, Лео Брауер и др.) напишале дела за гитара или за лаута, посветени токму на овој изведувач.