КСП Центар-Јадро во рамки на серијата разговори со истакнати ликовни автори и презентации на нивното творештво, утревечер од 20 часот во кафе-книжарница „Буква“ ќе го претстави визуелниот уметник Јане Чаловски (1973, Скопје), кој ќе претстави избор од делата создавани во подолг период, а преку нив ќе открие повеќе и за својата методологија, стратегиите кои ги користи и начините на кои ги реализира делата, како и контекстот во кој се изложувани и презентирани.
На настанот ќе се разговара за неговите самостојни претставувања и проекти, особено за покомплексните, како што е „Ние сите сме сами во ова“ со кој во 2017 се претстави на Венециското биенале, како и проектот со кој учествува на изложбата „Поголемо од мене: Херојски гласови од поранешна Југославија“ во MAXXI во Рим.
Во најавата за настанот, организаторот наведува дека Чаловски е автор со исклучително богата и репрезентативна кариера на светската уметничка сцена. Неговите дела, реализирани во различни медиуми и на различни теми, во последните две децении се изложувани во земјата и странство на значајни манифестации.
– Чаловски несомнено спаѓа меѓу најрелевантните автори на современата македонска уметност во 21 век, со долгогодишно репрезентативно присуство и надвор од границите на земјата. Неговите дела реализирани во различни медиуми кои опфаќаат цртеж, инсталации, објекти, мултидисциплинарни истражувачки проекти, претставуваат значаен придонес во дебатите за јавниот простор, за значењето на архивите и колективното сеќавање, а со тоа и за улогата на уметноста во современоста. Уште од самиот почеток Чаловски сериозно настапува на уметничката сцена со дела кои се промислени, со специфичен тематски и проблемски фокус, сериозно земајќи го предвид општествениот контекст и важноста на активирањето на актуелните дебати. соопшти КСП Центар-Јадро.
Програмата на КСП Центар-Јадро опфаќа 10 предавања/презентации на современи македонски уметници кои прават преглед на своето творештво или се претставуваат со избор од своите најрепрезентативни проекти. Избрани се автори кои се континуирано присутни на уметничката сцена и за кои организаторот смета дека со своите дела, темите кои ги обработуваат и авторскиот интегритет се релевантни до денес.
Серијата разговори е реализирана со финансиска поддршка од Амбасадата на Швајцарија во земјава. Разговорите се модерирани од историчарот на уметност и куратор, Владимир Јанчевски.