Со предавањето „Помеѓу политиките на задолжување и неофашистичкиот бран во светот“ на Маурицио Лазарато, италијански социолог, филозоф и активист кој живее и работи во Париз, во Музејот на современа уметност е отворен третиот Меѓународен фестивал за критичка култура-КРИК организиран од „Контрапункт“, кој во три дела ќе се одржува до 19 декември.
Лазарато ги акцентираше новите авторитарни, фашистички, недемократски движења, нивниот подем и влијанието на неолибералните економски политики врз таквата драстична промена во политичката мапа.
-Изборот на Жаир Болсонаро, за претседател на Бразил е голем пресврт во историјата на светот. Овие избори покажуваат што ќе се случува со светот во иднина. Неолиберализмот е само маска, вистинското лице на светот денес е фашизмот. Врската помеѓу неолиберализот и фашизмот не е нешто ново, бидејќи апсолутната моќ е една од аспирациите на неолиберализмот, рече Лазарато.
Според него, економската криза, односно задолжувањето, бегалците и екологијата се трите клучни проблеми на светот денес кои водат кон будење на новиот фашизам кој се крие зад маската на популистичкиот неолиберализам.
Искра Гешоска на отоврањето на КРИК синоќа истакна дека во конципирањето на фестивалот сè уште е актуелна мислата на Ален Бадју дека заедницата која се заснова врз култура на критичко дејствување и соочување преку креативна конфронтација е култура на слобода којашто ги поместува хоризонтите на општеството.
-Токму оваа идеја е сè уште актуелна во нашето конципирање на фестивалот и тоа е она што ни треба, таквото поместување на хоризонтите во општеството и менување во општеството, создавање платформи коишто ќе бидат перманентно критични и ќе се борат против состојбите на вознемиреност и на вонредност. КРИК беше замислен како отворена платформа и сè уште е, тој е на некој начин резиме, кое почнува ново поглавје на целокупната работа, не само на „Контрапункт“, туку и сите други со кои заедно сме ги создавале нашите мислечки, општествени и политички наративи, рече Гешоска.
Годинава фестивалот КРИК (Критика-Реакција-Идеја-Конфронтација) се занимава со актуелни, но поглобални теми, кои имаат влијание врз нашиот локален контекст. Насловот на годинашниот фестивал е „АЛЕРТ! – пред портите на моќта очекувајте исклучување“ и ќе опфати предавања, уметнички презентации, дискусии, работилници и филмови.
Организаторот најави дека КРИК ќе ги преиспитува парадигмите на моќта, еманципаторските крстопати на политичкото и на естетското низ патеката која комуницира со сите репресивни облици врз граѓанството.