Во Националната установа Центар за култура Крива Паланка денесka се одржа креативна и едукативна летна работилница за декупаж техника, којашто ја водеше ликовната уметница и мозаичар Александра Димитрова од Кочани.
– Техниката што ја работевме од почетно ниво на објаснување до краен производ, декупаж, завзема голем замав во ликовното изразување и е сѐ по привлечна како во државата, така и надвор од неа. Се работи за колажирање најразлични материјали на веќе готови форми, кои се декорираат и добиваат нов уникатен и креативен изглед. Целта на работилницата е да се обучат и вклучат млади, но и повозрасни лица кои во иднина би се занимавале со оваа техника, чијшто производ покрај декоративна димензија може да се користи и за продажба, изјави Димитрова.
Во еднодневната работилница беа вклучени седуммина млади луѓе од Крива Паланка, момчиња и девојчиња, коишто изработија по четири дела, вкупно 28 што ќе бидат изложени на изложба планирана за летово.
-Сето она што го поседувам како искуство и знаење се потrудив да им го пренесам на учесниците за да се создадат уметнички дела кои ќе красат нечии простори и витрини во иднина. Работилницата беше планирана да се реализира на отворено, но поради дождливото време се работеше во внатрешниот дел, во галеријата на НУЦK, додаде Димитрова.
Креативната работилница е дел од годишната програма на Националната установа Центар за култура Крива Паланка, поддржана од Министерството за култура.