Чешкиот скулптор Криштоф Хошек на необичен начин преку контроверзна скулптура го изразува своето мислење кон чешкиот претседател Милош Земан, кој беше избран на непосредни избори пред неколку недели, јави дописникот на МИА од Прага.
– Скулптурата е манифестација на поплавите од лаги и говор на омраза, на која јавноста беше изложена за време на претседателската кампања, вели Хошек за неговото дело, кое го претставува претседателот Милош Земан како растечена жолто кафеава маса.
Во врска со коментаите дека скулптурата визуелно потсетува на човечки измет, авторот вели:
– Навистина? Но, јас не би сакал. Тоа е искрена, полна со љубов реакција на вкус кој останува во воздухот по изборите, објаснува уметникот.
Скулптурата е дел од изложбата „Д Кемистри Галери“ во чешкиот главен град и предизвика големо внимание и воодушевување кај посетителите, кои особено ја ценат актуелноста и хумористичниот поглед со кој авторот го изразува своето мислење за политичките настани и чешката политичка сцена.
По завршувањето на саемот, скулптурата ќе биде пренесена во галеријата „Артинбокс“ и ќе биде дел од тематската изложба „Кој лаже, краде…?“.