Кондратенко: Како професори, водиме сметка нашите кадри да настапуваат во странство, но да не ја забораваат домашната публика

Од:

Музичката младина на Република Северна Македонија со камерниот оркестар „Саша Николовски-Ѓумар“, под диригентската палка на маестро Олег Кондратенко вчеравечер го одржа традиционалниот концерт на „Охридско лето“ со што уште еднаш докажа дека младите музичари се носат рамо до рамо со интернационалните уметници во светот на класичната музика.

Солист на вечерта беше младиот виолинист Ѓорѓи Петровски од Охрид, кој живее во Германија, а настапува на престижните европски концертни подиуми.

Музичката младина веќе 34 години е дел од фестивалската програма на „Охридско лето“ и секоја година носи млади, но исклучително талентирани уметници кои публиката ги наградува со бурни овации.

-И во вакви тешки услови се одлучивме да работи камерниот оркестар којшто практично суштествува 34 година. Идната година ќе имаме јубилеј, 35 години. Се работи за спој на малку поискусни младинци и би рекол, помалку искусни. Правиме една промена на генерации што се случува на секоја петта или шеста година, имајќи предвид дена нема музичар од Македонската филхармонија или од Опера и балет и други помлади професори кои не учествувале во овој оркестар и тој е еден дел од нивната лична карта, изјави претседателот на Музичката младина на Република Северна Македонија, Александар Герасимовски.

Концертниот репертоар креиран за публиката на „Охридско лето“ која и синоќа си замина задоволна од прекрасно поминатата вечер во предворјето на црквата „Света Софија“, содржеше внимателно одбрана програма, како што тоа всушност се прави секоја година за нивниот настап на фестивалот.

-На програмата беа мошне интересни дела кои содржат дел-фолклор од северните краишта на Европа како Едвард Григ со неговите „Нордиски танци“. Следуваше интересна композиција, „Канон во Д“ од Јохан Пахебел, па Моцарт со „Концерт за виолина и оркестар“ со која настапи охриѓанецот Ѓорѓи Петровски којшто подолг период живее во Германија и Австрија. На концертот ги изведовме „Италијанската серенада“ од Волф, „Приспивна“ за гудачки оркестар од Џорџ Гершвин, познатата композиција „Игра со сабји“ на Арам Хачатуријан, а имавме и изведба на дело од музичарот Марко Виденовиќ којшто учествува во оркестарот а се појавува и како композитор, појасни Герасимовски.

Трета година по ред, диригент на вечерта, на концертите што ги одржува Музичката младина со камерниот оркестар „Саша Николовски-Ѓумар“ е врвниот виолинист и педагог Олег Кондратенко, според кого огромно е задоволството да се работи со младите уметници од кои дел се и негови ученици.

-Најголем дел ученици се во мојата класа на Факултетот за музичка уметност, но ги познавам и другите колеги како член на комисија на факултетот. Оваа година имаме и членови на оркестарот кои се дел од средното музичко училиште, што значи имаме промена на генерации и ми е драго што иако беше навистина тешко да се направат проби, сепак имавме прекрасен концерт. Од февруари никој не настапувал и ним им беше предизвик што успеавме да дојдеме во Охрид, рече маестро Кондратенко.

Според него, младите уметници кои концертираат ширум светот, не смеат да ја заборават домашната публика.

-Солистот на вчерашниот концерт Ѓорѓи Петровски кој е мој ученик, повеќе од три години е во Германија. Како професори, водиме сметка нашите кадри да настапуваат во странство, но да не ја забораваат домашната публика. Затоа го поканив како солист. Ова е еден од начините како ние ги промовираме нашите музички кадри кои веќе се во светот. Не сакаме нашата публика да ги заборави, ниту тие солисти да ја заборават македонската публика, истакна Кондратенко.

Камерниот оркестар на Музичката младина на Северна Македонија постои повеќе од 32 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид, во 1986 година. Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на Југоисточна Европа и е составен од студенти на ФМУ- Скопје но и гости-музичари од други земји. Повеќе од 350 млади музичари биле дел од овој уникатен состав кој низ годините ѝ се наметна на музичката јавност, не само како неопходност, туку и како изведувачки состав со високи професионални квалитети.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма