Концерт за виола и пијано на „Охридско лето“

Од:

узичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва во црквата „Света Софија“ од 21 часот со концерт на виолистот Тимоти Ридаут од Велика Британија и пијанистот Франк Дупре од Германија.

Тимоти Ридаут е добитник на инаугуративната награда со името на Сер Џефри Тејт во Хамбург, и носител на стипендија од фондацијата Борлети-Буитони. Тој со сигурност е еден од водечките млади солисти во Европа. Дел е од програмата на Би-Би-Си „ Уметници на новата генерација“ од 2019 година, и дел од уметничката програма на Линколн Центарот во Њујорк од 2021 година.

Неговите оркестарски ангажмани вклучуваат настапи со Оркестарот на Би-Би-Си и „Филхармонија“ оркестарот во Лондон, „Тонхале“ во Цирих, камерните оркестри во Париз и Лозана, Симфониските оркестри во Хамбург и Луцерн, Камерниот оркестар на Европа, Националниот оркестар на Лил и др. Камерните концерти и рециталите пак, го водат во „Вигмор Хол“, „Музикферјан“ во Виена и „Концертгебау“ во Амстердам. Во август 2021 година тој настапува на Би-Би- Си Промс изведувајќи го концертот за виола од Вилјам Волтон под диригентската палка на Сакари Орамо.

Тимоти Ридаут снима ексклузивно за „Хармонија мунди“ и досега има остварено соработки со диригентите: Силвијан Камберлинг, Кристоф Ешенбах, Сер Андрас Шиф и Давид Цинман, додека на камерната музичка сцена соработува со ексклузивни имиња какви што се: Николас Алтштед, Џошуа Бел, Франк Дупре, Изабел Фауст, Стивен Исерлис, Џанин Јенсен, Ларс Вогт, Џонатан Вер, Кристија Тецлаф, Џереми Денк и многу други.

Франк Дупре е добитник на наградата „Опус Класикс“ за снимка на годината во категоријата на „концерти“ во 2018 година, и лауреат на Германскиот натпревар за музичари во 2014 година. Германскиот пијанист Франк Дупре ги воодушевува жиријата со неговата музичка зрелост, рафинирана техника и можност да создаде широк спектар на бои од пијаното. Првично едуциран како џез перкусионист, Дупре има „широки видици“ во пијанистичкиот репертоар, со особен интерес кон современата и музиката на актуелните композитори на нашето време. Скорешните и идните ангажмани вклучуваат соработка со фестивалот „Курт Вајл“ каде е резидентен уметник, деби со Ројал Нордерн Симфонија во Њукасл, со Симфонискиот оркестар во Трондхајм и со симфонискиот оркестар на Лихтенштајн. Ќе се врати на сцените на Вигмор Хол, „Бозар“ во Брисел, и ќе продолжи да соработува со Филхармонијата во Штутгарт и театарот „Паулен“ во Цвикау. Како уметник кој цврсто се етаблира на меѓународната музичка сцена, Дупре има остварено настапи со Лондонската филхармонија како и со оркестрите во Минестота, Малме, Кристијансанд, Оукленд, со Бетовен оркестарот во Бон и др. Во областа на камерната музика соработува со некои од највозбудливите имиња од неговата генерација како што се: Симон Хофеле, Едгар Моро, Даниел Лозакович, Тимоти Ридаут, Киан Солтани и др. Исто така активен на диригентскиот пулт, и уметник кој често се јавува во улога на солист и диригент, Франк Дупре има соработувано како асистент со Сер Сајмон Ретл, Франсоа Гзавие Рот и Марио Вензаго.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма