„Руски романси“ е насловен концертот кој во рамки на „Скопско лето“ ќе се одржи вечер од 20.30 часот на терасата на Музејот на македонската борба. Ќе настапат млади музичари и изведувачи кои учествуvале на меѓународниот натпревар „Романсиjада“ во Софија и Москва.
Дирекцијата за култура и уметност-Скопје (ДКУС), организатор на летниот фестивал во главниот град, соопшти дека главна цел на концертoт е на публиката да ѝ бидат претставени и доближени не толку познати, но сепак одлични автори од жанрот на руската романса, како и светски познатите дела на руски композитори.
– Целта е изведбата на делата да биде колку што е можно поблиска и поавтентично да се пренесе „рускиот стил“ од страна на нашите пејачи. Концертот ќе има и музиколошки дел – едукација на публиката за биографии на композитори и поети, истории на создавање на романсите, епоха, стилски особини и слично. Руските романси се од композитори – класици: Чајковски, Рахмањинов, Черепнин, Слонов…, како и салонските романси од 19-тиот и од почетокот на 20 век: Зубов, Булахов, Шереметјев, непознати автори, но и композитори од 20 век: Бабаџањан, Шварц, Шабордина…, наведува ДКУС во најавата на концертот.
На концертот ќе настапат Мариана Бошковска, Сара Јанева, Елена Васова, Исмет Вејсели, Хелена Суша, Македонка Петреска, Билјана Камчева и Илија Белистојаноски.
Согласно протоколите за заштита од пандемијата и заради регулирање и контрола на бројот на публика влезниците, кои се по цена од 100 денари, ќе се продаваат онлајн преку: kupikartizase.com или во салонот на „Југотон“ во Градскиот трговски центар.
ДКУС потсетува на задолжителното почитување на мерките за заштита од КОВИД-19: заштитни маски, физичка дистанца во гледалиштето, дезинфекција и мерење телесна температура на посетителите кои на концертот ќе влегуваат половина час пред неговиот почеток, односно во 20 часот.