Концерт на Мухамед Ибрахими на „Скопско лето“

Од:

На Факултетот за ликовни уметности – Сули ан во рамки на „Скопско лето“ вечер од 21 часот концерт ќе одржи Мухамед Ибрахими на гитара, во придружба на Џоле Максимовски (бас) и Ратко Даутовски (перкусии).

Мухамед Ибрахими е композитор и мултиинструменталист на жичани инструменти од Скопје. Неговиот деби албум „Fly” излезе во јануари 2014 за скопската независна продукција „ПМГ Рекордингс“ и може бесплатно да се симне на нивната веб-страница.

– Својот инструмент (гитара, мандолина, саз) Ибрахими го третира на мошне неконвенционален начин, длабоко интуитивно и широко инспиративно. Неговите композиции се автентичен микс од различни музички стилови, мириси и созвучја. Рок, блуз, амбиент, кои се длабоко вкоренети во ориенталната (суфи), но и балканска (албанска, македонска) фолклорна традиција. Оваа храбра и елегантна комбинација, често доловува неочекувани резултати во прекрасен и уникатен звучен свет, соопшти Дирекцијата за култура и уметност, организатор на „Скопско лето“.

Басистот и композитор Џоле Максимовски на музичката сцена е повеќе од 20 години. Член на „Архангел“ од 1998 до 2006 година. Од 2000 година свири во „Влатко Стефановски Трио“. Соработувал и снимал со Гарбет Тавитјан, Јан Акерман, Теаодосиј Спасов, Стефан Миленковиќ, Дамир Имери, Мугер Фугер, Чиста околина, Никола Коџобашија и Алшар.  Во моментов работи на својот нов албум со својот авторски бенд „Кабадајас“. Во 2013 година е дел од групата „Темпера“ со која оваа година го промовираше албумот „Играј“.

Ратко Даутовски е еден од најактивните македонски перкусионисти, кој од најрана возраст целосно е посветен на истражувањето на богатата мелоритмичка структура, пред се, на македонската традиционална музика. Покрај редовното музичко образование на ФМУ, добивал континуирана обука од неговиот татко, проф. д-р Драган Даутовски. Ратко Даутовски  од 1999 е редовен член на „Драган Даутовски квартет“. Има настапувано во многу земји и соработува со многу светски музичари и ансамбли. Како автор и изведувач, учествува и во голем број театарски и филмски проекти.

Во рамки на „Скопското летно кино“, во Кинотеката на Македонија вечер  ќе биде прикажан мјузиклот „Мулен руж“ од 2001 година во режија на Баз Лурман, со Никол Кидман и Јуан Мекрегор во главните улоги. Оваа австралиско-американска копродукција има два оскара и уште 75 филмски награди.

Би можело да ве интересира

Откажан перформансот „Во моите чевли”, во Сули ан перформанс на Михаил Парушев

Концерт на хорот „Фрида“ на Скопско лето

Драмски со претставата Фирма на Скопско лето

44. издание на Скопско лето со преку 30 културни настани и богата програма ја одржува традицијата како еден од најдобрите фестивали за култура

Со концерт на Ори Даган завршува „Скопско лето“

Kонцерт на Киц Поп Хор на Скопско лето 2022