Концерт на Басеку Кујате и филм „Мали блуз“ на Оффест

Од:

По синоќешното отворање, 18. Оффест продолжува вечер во Младинскиот културен центар со концерт на петчлениот бенд „Ngoni ba“ од Мали во Дансинг салата од 21 часот. Бендот е составен само од инструменти нгони – древна традиционална лејта од Западна Африка, а основачот Басеку Кујате се смета за мајстор и амбасадор на нгони.

– Овој навидум ограничен инструмент во рацете на Басеку напредна толку многу што успеа да постигне поширок мелодиски опсег и приспособливост, опфаќајќи ги западните стилови како џез, блуз и рокенрол, што го зацврсти неговиот статус на основач на електричниот нгони, виртуоз и визионер. Поместувајќи ги границите на возможното кога е овој инструмент во прашање, Басеку отиде дури и подалеку во својата револуционерност, формирајќи го првиот нгони бенд, Ngoni ba, составен исклучиво од нгони инструменти со различна големина и тонален опсег, соопшти Скопје џез-фестивал – организатор на Оффест.

Во „Bassekou Kouyate & Ngoni ba“ членуваат и сопругата на Басеку Кујате – Ејми Сако (популарна африканска пејачка, често нарекувана „Тина Тарнер од Мали“), и синовите Маду и Мустафа Кујате. Одржуваат светски турнеи, со стотина концерти годишно, настапувајќи на реномирани фестивали.

Откако се прослави со последните два албума во насока кон рок-музиката, Басеку Кујате се враќа со посуптилен и носталгичен албум. „Miri“ (сон, контемплација) е албум за љубовта, пријателството, семејството и вистинските вредности во кризни времиња.

Пред нивниот концерт, во кино „Фросина“ од 19 часот ќе биде прикажан 93-минутниот музички документарец „Мали блуз“ (Mali Blues) посветен на четворица музичари од Мали – виртуозот на нгони Басеку Кујате, интернационалната ѕвезда Фатумата Дијавара, која утревечер ќе настапи на Оффест, младиот рапер Мастер Суми и туарешкиот гитарист Ахмед Аг Кади.

– Сите тие имаат нешто заедничко: нивната музика поврзува, обединува, теши и лекува, поттикнувајќи ги луѓето на борба за промена, за подобра иднина, за живот во мир и толеранција, соопшти организаторот. Влезот за посетители на проекцијата е слободен.

Би можело да ве интересира

Осум концерти на ОФФ-Фест 2024 од 6 до 9 јуни

Четврта завршна вечер на OFFest 2023

Ана Ололовска

Почнува 22. издание на ОФФ-Фест

Ана Ололовска

Во продажба билетите за 22 ОФФ-Фест

Ана Ололовска

„Скопски џез фестивал“: Го откажуваме 22. издание на „OFFest“

Ана Ололовска

Последна вечер на 21. OFFest

Ана Ололовска