Претпоследниот ден од годинешното јубилејно, скратено издание на Фестивалот „Охридско лето“ е резервиран за концертот „Музички пријателства“ на македонската обоистка, уметничката Гордана Јосифова – Неделковска. Како гости на концертот со уметничката ќе настапат уште флејтистот Страшо Темков, пијанистките Елена Атанасовска и Инес Неделковска и гитаристот Влатко Стефановски.
Јосифова-Неделковска дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во класата на проф. Киро Давидовски, а се усовршува на академијата „Моцарт“ во Варшава и BANFF Центарот за музика и звук во Канада. Како солист има настапувано со Симфонискиот оркестар на националната капела на Санкт Петербург, камерниот оркестар „Музика вива“ под водство на истакнатиот диригент и виолончелист Александар Рудин, Сервантес Филхармонија од Шпанија, oркестарот „Кими Синфониета“ од Финска, оркестарот на Вилах Филхармонија од Австрија, оркестарот на Моравската филхармонија од Чешка, оркестарот „Талин Синфониета“ од Естонија, Симфонискиот оркестар од Рим, Симфонискиот оркестар од Белград, Гудачкиот камерен оркестар на Словенечката филхармонија, камерниот оркестар „Софиски Солисти“, Филхармонијата на Република Северна Македонија, Македонскиот камерен оркестар, камерниот оркестар „Св. Ѓорѓе“, Оркестар на Авињон-Прованса, Камерен оркестар од Порто Алегре – Бразил, Обединет европски камерен оркестар, итн. Со бројни рецитали има настапувано во следниве земји: Канада, САД, Кина, Бразил, Естонија, Холандија, Франција, Белгија, Шпанија, Португалија, Полска, Италија, Германија, Чешка, Русија, Украина (настап со извонредниот виолинист Најџел Кенеди), Финска, Турција, Грција, Бугарија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и во земјата.
На покана на легендарниот Енио Мориконе, Јосифова-Неделковска настапи заедно со него на свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето“ во 2009 година.
По успешното претставување во 2010 на московскиот „Арт Новембер“ фестивал од критиката беше посочена како „поетеса на обоа“, по што активно настапува во Русија и тоа на фестивали како Бах Маратонот во 2011 година и Моцарт Маратонот во 2014.
На програмата на вечерашниот концерт во „Света Софија“ од 21 часот се избрани дела на Бах, Веруст, Пјацола, Мориконе, како и обработки на неколку македонски народни песни.