Коле Ангеловски и Зорка Тодорова-Младеновиќ добитници на „Златен објектив“ за 2020 година

Од:

Актерот и режисер Коле Ангеловски и костимографката Зорка Тодорова-Младеновиќ се годинашни добитници на наградата „Златен објектив“ за 2020, одлучи Управниот одбор на Кинотеката на Северна Македонија.

По повод својот роденден, Кинотеката секоја година го доделува „Златниот објектив“ на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

Датумот е избран зашто на 29 април 1974 година во Службен весник е објавен Законот за формирање на Кинотека како институција од општ интерес за Републиката, со задача да прибира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење.

Досегашни добитници на ова признание беа режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмскиот критичар Илинденка Петрушева, монтажерот Димитар Грбевски и костимографот Елена Дончева.

Никола Ангеловски – Коле (1943) е филмски, телевизиски и театарски актер и режисер, сценарист и драматург. Првите актерски улоги ги има уште како дете, во детската радиодрама и детскиот куклен театар, но на филм дебитира во 1962 година во југословенскиот филм „Саша“ на Раденко Остоиќ. Дипломирал актерство на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград, а од 1967 година па сè до пензионирањето работи во Драмскиот театар во Скопје.

Добитник е на голем број награди за своите филмови и улоги – филмски и театарски – и покрај Петре Прличко и Илија Џувалековски, е еден од македонските актери кој остварил најголем број улоги во југословенската кинематографија, покрај домашната, македонската. Меѓу многуте филмови во кои се појавува Ангеловски се: „Битката на Неретва“, „Жед“, „Лито виловито“, „Да се дојде и остане“, „По Коњух планина“, „Македонска крва свадба“, „Оловна бригада“, „Јужна патека“, „Нели ти реков“, „Собирен центар“, „Црвениот коњ“, „Храненик“…

Во 1973 година го режира својот прв долгометражен игран филм „Татко (Колнати сме, Ирина)“, според романот на Живко Чинго, со Велимир Бата Живоиновиќ, Неда Арнериќ и Мето Јовановски во главните улоги, а во 1988 и 2017 година филмските комедии „Викенд на мртовци“ и „Ах љубов моја“.

Вториот годинашен лауреат на „Златен објектив“ е Зорка Тодорова-Младеновиќ (1943) – филмски и театарски костимограф, моден дизајнер и автор. Дипломирала на отсекот по сценографија и костимографија на Националната школа за декоративни уметности во Париз во 1968 година, по што се вработува во Радио-телевизија Скопје како костимограф за ТВ-серии, драми и забавно-музички емисии.

Истовремено работи костими и за играни филмови („Мементо“, „Жед“, „Истрел“, „Исправи се Делфина“, „Црвениот коњ“, „Мемо, мојот татко“, „Хај-фај“, „Војната заврши“ итн.), и за театрски претстави (во Драмски театар, Кумановски, Битолски театар, Театар на националности, Театар „Пралипе“, итн.). Во 1977 г. специјализира изработка на костим на Школата на синдикалната комора за висока мода во Париз и почнува поинтензивно да работи во македонската текситлна индустрија и конфекција. Подоцна предава Историја на облека и Модно креирање како доцент на ФЛУ и вонреден професор на ТМФ, кадешто се пензионира.

Автор е на костимографски решенија за повеќе од 90 филмски, телевизиски и театарски проекти, како и на околу 200 историски костими за восочните фигури изложени во редовните поставки на Музејот на македонската борба за државност и самостојност и Археолошкиот музеј во Скопје.

-Наградата на Ангеловски и Тодорова-Младеновиќ свечено ќе им биде врачена кога ќе се создадат поповолни услови за манифестации од ваков вид и за организирање културни настани и собирања, соопшти Кинотеката.

Би можело да ве интересира

„Мојот последен здив“ – промоција на автобиографијата на Луис Буњуел во Кинотека

Ана Ололовска

„Кино за млади“ во Кинотеката

Недела на италијанската кенематографија во Кинотека

Ана Ололовска

Анимирани и филмови за тинејџери во Кинотеката

Ана Ололовска

Филмска вечер за деца и млади во Кинотеката

Ана Ололовска

Кратки експериментални филмови на петтата сесија на филмска училница во Кинотека

Ана Ололовска