Со нови триесетина специфични колажи создадени последнава година ликовната уметница Тања Таневска се претстави синоќа на изложба во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, насловена „Космички еротизам на струната и облината“.
– Во најновите творби Таневска ја потврдува иновативната и експериментална природа, покажувајќи дека освен што поседува неисцрпна инспирација таа низ своите дела ја потврдува и сопствената неисцрпна енергија. Со колажите го проширува ликовниот репертоар со нови изразни можности, впечатливи, визуелни и естетски проникнувања, вметнување ликовен говор на материјалите, соопшти КИЦ на РМ.
Во каталогот за изложбата, писателот Венко Андоновски напиша: „Она што е фасцинантно во овие нејзини најнови колажи е синестетичноста што тие во себе потенцијално ја содржат . Сосема е видливо дека доминантно место на нејзините колажи се струините: нивната симболика е космичка…“
Изложбата „Космичкиот еротизам на струната и облината” пред бројната публика во Софија ја отвори директорот на Македонскиот културен центар Васко Шутаров и ќе трае до 23 декември. Поставувањето на изложбата во Софија е помогнато од Министерството за култура на РМ.