Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) денеска со книжевна средба „Седум навраќања кон темата Гане Тодоровски“ му оддаде почит на големиот поет и го одбележа денот на неговото раѓање.
Средбата ја отвори претседателот на ДПМ Веле Смилевски, а беседи за Гане Тодоровски имаа Георги Сталев, Иван Чаповски, Олга Панкина, Раде Силјан, Димитар Пандев, Трајче Кацаров и Панде Манојлов.
Гане Тодоровски (11 мај 1929 – 2010) беше член на ДПМ од почетокот на педесеттите години се до неговата смрт. Смилевски потсети на неговиот животен и творечки пат, на богатиот опус кој го остави во современата македонска литература.
– Овој дом веќе седум години го чувствува отсуството на Гане Тодоровски, неговата особеност на творец од формат, но и собеседник, соработник и инспиратор во создавањето атмосфера во она што го нарекуваме книжевен живот, во кој ДПМ со своите активности има важна и неодминлива улога, рече Смилевски.
Чаповски потенцира дека што и да се каже за Гане Тодоровски е малку.
– Сите ние собрани овде, особено постарата генерација го паметиме Гане многу одамна, повеќе од 50 години. Гане не беше само професор и другар, тој беше поет, потенцира Чаповски.
Георги Сталев нагласи дека Гане Тодоровски е една од нашите најмаркантни личности, особено во книжевниот живот и пошироко.
– Ние како ДПМ го знаеме Тодоровски како наш врвен поет, носител на многу награди, познат на територијата на Балканот и пошироко зошто е застапен во сите антологии на македонската поезија кои излегувале и надвор од нашата земја, рече Сталев.
Гане Тодоровски, како што рече, се интересираше за многу нешта, во културниот живот и надвор од него.
– Тој беше научник, професор на Универзитетот, тогаш на Филозофскиот факултет. Почна како асистент по народна литература, прво предаваше хрватска, а потоа и македонска литература и ги опфати сите наши литератури кои се предаваа во тоа време. Со него сум учествувал на повеќе манифестации, конгреси, научни собири, потсети Сталев.
Гане Тодоровски беше член на ДПМ од 1951 година и во два мандати претседател на македонската писателска асоцијација. Неговите соработниции зборуваа за влогот во покренувањето, осмислувањето и развојот на Струшките вечери на поезијата, за општествениот и боемскиот живот, како и за неговата педагошка работа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Својата прва поетска книга „Во утрините“ ја објави во 1951 година. Во наредните шест децении тој создаде значаен творечки опус за кој е добитник на високи признанија, меѓу кои и на наградите „Кочо Рацин“, „11 Октомври“, „Браќа Миладиновци“, „Климент Охридски“, „Димитар Митрев“ и „Ацо Шопов“.
Стихови од Гане Тодоровски читаше Антонио Павлески.