Во изложбениот салон на Центарот за култура, вечерва со почеток во 19: 30 часот ќе биде отворена традиционалната изложба на фотографии „Мајски салон“. Изложбата ја организира Фото киноклуб „Козјак“ од Куманово.
– Публиката ќе има можност да види најразлични фотографии, моменти од реалноста, емоции, многу мигови зграпчени и ставени во рамка. Изложените дела се показател на сериозноста и посветеноста со која и пристапуваме на оваа уметност и претставуваат уште еден доказ за оправданоста на интернационалното реноме кое го има ФКК „Козјак“, изјави претседателот на клубот, Милош Нешковски.
Во рамките на салонот ќе бидат изложени и фотографии од членовите на Фото клуб „Лесковац“ од Србија под насловот „Блиски средби“. Пред отворањето на изложбите, Фото киноклуб „Козјак“-Куманово ќе се збратими со Фото клуб „Лесковац“ од Србија. Првото издание на „Мајски салон“ било во 2008 година. Покровители на изложбата се Општина Куманово, традиционално поддржана од НУЦК „Трајко Прокопиев“ и е под патронат на Фото Сојуз на Македонија.
Фото киноклуб „Козјак“ Куманово го организира и интернационалниот фестивал на краток филм „ФИЛМАЈ“ кој ќе се одржи на 29 и 30 мај 2024 (среда и четврток) во занаетчискиот дом во Куманово. Влезот за двете фестивалски вечери, ќе биде бесплатен за сите посетители.
Фото киноклуб „Козјак Куманово“ лани одбележа 75 години од постоењето.